На сите мали потрошувачи им се дава сигнал да одат на слободниот пазар на електрична енергија каде ќе си обезбедат 30 – 40 отсто пониски цени од оние на ЕСМ. Целта ни е да ги намалуваме количините на електрична енергија што ги обезбедува ЕСМ и ЕСМ што е можно повеќе да биде активна на слободниот пазар, рече денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.
Според него, ЕСМ треба да биде многу поактивна на пазарот на мало и не треба да произведува кога може да набави електрична енергија по далеку пониски цени од нејзините производни.
-Треба да се ослободиме од размислувањата дека ЕСМ треба само да произведува. Во моменти кога цената на електричната енергија на пазарот во државата и регионот е пониска од производната цена на ЕСМ, многу е пологично ЕСМ да набавува електрична енергија на слобднониот пазар за да си ги намали своитге трошоци, а треба да ги искористи и изградените фотоволтаици од вкупно 1 200 мегавати. Имаме фотоволтаични електрани кои продават на слободниот пазар, продаваат на други снабдувачи и трговци со електрична енергија, а тие потоа продаваат на потрошувачите. ЕСМ треба да размислува во таа насока, да се прават набавки на електрична енергија кои не само што ќе бидат пониски од нејзината производна цена, туку ќе бидат пониски и од цената по која ЕСМ му продава на ЕВН Хоум. Особено во пролетните и летните месеци има можност за тоа, имајќи ги предвид огромниот број фотоволтаици во државата. Со коректна цена која ЕСМ би им ја понудила, ќе добиеме стабилна и предвидлива трошковна структура на ЕСМ во однос на набавката и производството на електрична енергија – истакна Бислимовски.
Тој оцени дека ЕСМ обезбеди цена од 65 евра за мегаватчас, која споредено со вчерашните берзански цени е два пати пониска.
-Тоа овозможи и во 2026 година да имаме ценовна политика која обезбедува минимално зголемување на трошоците кај домаќинствата. Но, освен што произведува, ЕСМ и продава струја. Јас иднината на оваа компанија не ја гледам само во производството, туку сметам дека многу повеќе треба да е активна и на пазарот на големо и на пазарот на мало. Компаниите како ЕСМ треба многу повеќе да покажат активност и на пазарот на мало на електрична енергија, каде цената е далеку повисока. Перспективно, за ЕСМ да оди напред и да обезбедува повеќе пирходи, апсолутно сметам дека треба да биде многу поактивна и на пазарот на мало. Во моменти кога цената на електричната енергија на пазарот во државата и регионот е пониска од призводната цена на ЕСМ, многу е пологично ЕСМ да набавува електрична енергија на слобднониот пазар за да си ги намали своитге трошоци. За да произведува електрична енергија, ЕСМ увезува јаглен што го меша со домашниот јаглен и поради тоа неговата производна цена во изминатиот период расте. Во наредниот период зошто да не се размислува на фотоволтаиците кои се изградија во државата? ЕСМ за подолг период, за 5 – 10 години да им понуди коректна цена која ќе и овозможи на ЕСМ особено во летните и пролетните месеци да обезбедува струја од овие фотоволтаци по цена која треба да биде пониска од оваа од 65 евра за мегаватчас и во тие периоди нема да генерира загуби, а за сметка на тоа во текот на денот кога производството од фотоволтаици е големо, ќе се штеди и водата во хидроелектраните, и исто така ќе нема потреба во некои периоди од денот да работат повеќе од еден блок во Битола – потенцира претседателот на РКЕ.
Бислимовски е дециден дека со оглед на предизвиците наредната година кои зависат, пред се, од геополитиката, обезбедена е стабилна цена на електричната енергија за домаќинствата во државата. Во моментов, дополни, цената на природниот гас во Европа е околу 27 – 28 евра за мегаватчас што е поволно.
Во однос на прогласувањето кризна состојба, РКЕ, рече Бислимовски, има свој претставник.
-Гледам дека од државните резерви ќе се обезбедува мазут, соодветните институции одговорни во овој дел сигурно ја следат ситуацијата во однос на проблемите со набавката на мазут, имајќи предвид дека секаде во Европа голем број рафинерии не произведуваат мазут зашто го сметаат како гориво кое предизвикува загадување и поради тоа во последните 7 – 8 години обезбедувањето оди тешко – истакна претседателот на РКЕ.






























