Распишан е седмиот конкурс за краток расказ „Бибер“. Кратки раскази можат да праќаат авторки и автори што пишуваат на албански, македонски, босански, црногорски, хрватски или на српски јазик.
Темите на седмиот конкурс се проширени, па авторките и авторите можат да изберат на која тема ќе одговорат.
Не се откажуваме од традиционалните теми на конкурсот „Бибер“: покрај раскази што го тематизираат помирувањето во контекст на наследството на војните и насилството во земјите од поранешна Југославија, предвид доаѓаат и раскази што можат да придонесат кон подобро разбирање меѓу луѓето, кон намалување на омразата и разградување на предрасудите, антивоени раскази, раскази што се занимаваат со соочување со минатото, со разградување на сликата за непријателите, со сочувство за другите, храбри раскази што се осмелуваат да влезат во „непријателска“ кожа, раскази што ги поместуваат границите и ни отвораат пат да градиме поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите.
Седмиот конкурс го посветуваме на студентките и студентите во Србија, кои во изминатата година ни одржаа безброј лекции за ненасилна борба, солидарност, заедништво, поддршка, љубов, волја, храброст, емпатија, помирување, почитување и други важни општествени вредности. Длабоко го цениме она што студентите го направија и започнаа, па затоа овој конкурс отвора простор и за раскази за нив и нивната борба за правда, слобода и еднаквост.
Конкурсот е отворен до 24.5.2026 година.
Изборот на пристигнатите раскази ќе го направи жирито во состав: Данијела Репман, Лејла Каламујиќ и Жељко Белиниќ. Најмалку дваесет избрани труда ќе бидат објавени во повеќејазична збирка.
Авторите/ките на трите најдобри раскази ќе бидат наградени со парични награди (во бруто-износ): прва награда: 1.100 евра, втора награда: 850 евра и трета награда: 600 евра.
Одлуката на жирито ќе биде објавена кон средината на ноември 2026 година.
































