Во Центарот за култура во Градот на конзулите неодамна својот прв настап го имаа хрватските музичари од групата „Балкан Зоо“ предводени од вокалната интерпретаторка, извонредната Нина Ќориќ.

Центарот беше исполнет со експлозивна ворлд мјузик фузија од фламенко и балкански ритми, како дел од 17. Фестивал на музика од светот, што се одржа во Битола од 27 ноември до 1 декември, под мотото „Уметноста на звукот“.
Не криејќи ја радоста што настапува во Македонија, Нина истакна дека тие се првиот хрватски бенд што одржал концерт на оваа сцена во Битола и дека особено ѝ значи што ги интерпретира песните на Есма Реџепова пред битолската публика. Вечерта беше навистина незаборавна – исполнета со силни емоции и исклучителна музичка виртуозност.

Во дискографијата на „Балкан Зоо“и Нина Ќориќ се наоѓаат два одлични албума „Recycle“ и „Музика за плес“, на кои се вклучени ромски песни, со посебен фокус на творештвото на легендарната Есма.

Одлични настапи на фестивалот имаа и групата „Фонтана“ и турската пејачка Гамзе Метраци, Тања Царовска во придружба на Камерениот оркестар од Битола, грчката група „Коза Мостра“ и пијанистката Гамазда од Русија.



































