Премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Азир Алиу и шефот на Канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во нашата држава д-р Аким Али денеска потпишаа петгодишна Стратегија за соработка меѓу Владата и СЗО 2026 – 2030 година.
Како што информира Министерството за здравство, на настанот со онлајн вклучување се обратил и директорот на Светската здравствена организација за Европа Ханс Клуге.
-Денешниот ден отвора ново поглавје во соработката со Светската здравствена организација, заеднички ја потпишавме нашата прва петгодишна Стратегија за соработка – документ кој е создаден заедно со сите институции и партнери и кој ќе ги насочи реформите во здравството до 2030 година. Стратегијата се фокусира на модернизација на примарната здравствена заштита, целосна дигитална трансформација, унапредување на здравствената заштита на мајките и децата, еколошкото здравје и климатската отпорност, согласно „зелената агенда“ на Владата. Исто така со оваа стратегија е опфатена и заштитата на ранливите групи, планирање на човечки ресурси во здравството, јавното здравје, здравствената безбедност и подобра подготвеност при кризни состојби. Стратегијата ни овозможува јасен план, партнерство и поддршка за заедничко реализирање на клучните реформи – посочил министерот Алиу по потпишувањето.
Министерот за здравство ја истакнал одличната меѓусекторска соработка и поддршката од другите сектори. Оваа Стратегија, како што се наведува, го обединува целиот владин систем околу целите за здравје и благосостојба на населението.
-Посебно сакам да се заблагодарам на СЗО и на сите министерства и партнери за нивниот придонес. Со оваа Стратегија го поставуваме темелот за посилно, помодерно и поправедно здравство за сите граѓани. Сето ова е симболична потврда на силната политичка волја, националната посветеност, и партнерството меѓу Владата и СЗО за спроведување на клучните здравствени реформи – истакнал Алиу.


































