Во просториите на Институтот за старословенска култура во Прилеп е отворена изложба на умeтникот Атанас Атанасоски. Идејата за изложбата се надоврзува на неговите претходни изложбени проекти, во кои централно место зазема дрвенестата вегетација. Овој пат, фокусот повторно е ставен на трновити растенија што, дури и по бербата, ги задржуваат природната боја и цврстата текстура. Токму таа нивна издржливост овозможува уникатна пластичност и применливост во уметничкото обликување.
Со користењето на овој локален природен материјал, Атанасоски ја истражува естетиката на соживотот меѓу човекот и природата, поставувајќи ја како главна тема на своето творештво. Во време на растечки еколошки предизвици, авторот гради уметнички израз што носи јасна еколошка и социјална порака, нагласувајќи дека природните ресурси можат да бидат истовремено и инспирација и потсетник за одговорност.
– Ликовната изведба во проектот се темели на внимателно моделирани структурални површини, изградени преку природни материјали што нудат специфична визуелност и текстура. Пејзажниот знак – мотив што одамна го следам како сензибилитет – повторно е централна инспирација, овој пат претставен на начин што ја нагласува карактеристичната естетика на локалната вегетација. Во изложбата, овие природни елементи не се третираат само како декоративни додатоци туку како суштински градивни компоненти на ликовната интерпретација. Проектот ја нагласува важноста на природата како жив, активен учесник во уметничкиот процес – вели Атанасоски.
Во време кога технологијата ни нуди постојан пристап до глобалната уметничка сцена, Атанас свесно се враќа кон своето непосредно опкружување, културата и традицијата. Со зрел творечки пристап и богато искуство, уметникот ја преточува локалната природна естетика во современ ликовен израз, создавајќи дело што ја спојува автентичноста на регионот со универзалните уметнички вредности. Ка.М.

































