„Инфрацрвена уметност – уметност на иднината“ е групна изложба на осум хрватски уметници: Дијана Назор Чорда, Ивана Ожетски, Марија Галиќ, Нада Жиљак, Јана Жиљак Гршиќ, Вилко Жиљак, Ивица Фиштер и Ивана Жиљак Станимировиќ. Изложбата е поставена во Мала станица, а кураторка е Санда Станаќев Бајзек.
Изложбата, која е финансирана од Министерството за култура и туризам и Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска, се реализира по иницијатива и во соработка со Хрватското здружение на ликовните уметници и критичари. Кураторка на изложбата е Санда Станаќев Бајзек, претседателка на здружението, и истата таа претставува осум хрватски уметници: Дијана Назор Чорда, Ивана Ожетски, Марија Галиќ, Нада Жиљак, Јана Жиљак Гршиќ, Вилко Жиљак, Ивица Фиштер и Ивана Жиљак Станимировиќ.
Според кураторката Санда Станаќев Бајзек, уметничкиот израз што во себе носи особини на ново, и на формално и на изразно ниво, што ја менува перцепцијата и ги разоткрива сликарските тајни претставувајќи своевиден визуелен феномен се крие под името – инфрацрвена уметност и инфрацрвен дизајн.
– Го претставуваме преку примери на уметници што сликаат таканаречени инфрацрвени слики или продуцираат со графички печат, како ново и различно создавање визуелно дело. Тоа создавање е втемелено на перцепцијата на бојата, односно на нејзините физички карактеристики, поточно на карактеристиките на светлината, а го има искористено и хрватскиот научен тим што го создаде денес веќе добро познатиот метод за продуцирање двојна слика – инфрацрвен дизајн и инфрацрвена уметност. Тоа се посебно креирани компјутерски графики и уметнички слики со двојна и различна содржина за визуелното и за инфрацрвеното подрачје. Едната е видлива со голо око на дневна светлина, а другата на инфрацрвена бранова должина само со помош на инфрацрвена ЗРГБ-камера. Како нов начин за дизајнирање со помош на графиката, односно уметничкото сликање, иницираше и истражување на тоновите на стандардните бои и пигменти што се разликуваат по својството на апсорпција на инфрацрвената светлина, бидејќи секоја од сликарските бои може да се направи на безброј начини, а да го задржи истото својство на апсорпција на светлината во видниот спектар на човечкото око, а да има целосно различни својства во блиското инфрацрвено подрачје… Оттаму, „Инфрацрвена уметност“ не е само презентација на технологија. Тоа е нов ликовен израз, сосема оригинален и единствен пристап на претставување, односно создавање слика – посочува Санда Станаќев Бајзек.