- Приемот беше организиран за да им се оддаде признание на врвните резултати што џудистите на Миоки ги постигнаа во текот на 2025 година на најпрестижните европски натпреварувања, информираат од ЏК Миоки
На Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ) во Скопје се одржа свечен прием, на кој деканот на факултетот, проф. д-р Влатко Неделковски, и професорот по боречки спортови, проф. д-р Жарко Костовски, остварија средба со дел од џудистите на клубот Миоки и нивниот тренер Игор Паскоски, еден од најуспешните и најперспективни клубови во Македонија.
– Приемот беше организиран за да им се оддаде признание на врвните резултати што џудистите на Миоки ги постигнаа во текот на 2025 година на најпрестижните европски натпреварувања. Деканот ја истакна важноста на континуираната поддршка на младите спортисти, нагласувајќи дека успесите на Миоки се од особено значење за развојот на македонскиот џудо-спорт и за промоцијата на таленти што го претставуваат своето училиште, клуб и држава на меѓународната сцена. На приемот беше заклучено дека ФФОСЗ ќе продолжи да соработува и активно да ги поддржува младите спортисти и нивните тренери. Ваквите средби, понатаму истакна деканот, се мотив плус за сите млади таленти што преку спортот ги градат својата дисциплина, одговорност и спортски дух – информираат од ЏК Миоки.
Најзначајни резултати што џудистите на Миоки ги остварија годинава се: Ива Богдановска бронза на Европски куп (ЕК) за јуниори во Скопје и сребро на ЕК за јуниори во Подгорица (Црна Гора), Емилија Паскоска бронза на ЕК во Сараево (БиХ), бронза на ЕК во Ѓер (Унгарија) и злато на ЕК во Рига (Летонија), сите во пионерска конкуренција, Виктор Трчков бронза на ЕК за пионери во Рига, Хамида Друштинац петто место на ЕК за кадети во Солун (Грција), а од минатото бронзен медал освои Хамза Јашари, во 2018 година, на Европското првенство (ЕП) за кадети во Сараево (БиХ).
– ЏК Миоки се заблагодарува за укажаната чест и поддршка, а ваквите институционални признанија претставуваат силен поттик за идни уште поголеми успеси на нашиот клуб – изјавија од ЏК Миоки. Г.И.


































