На 28 ноември 2025 (петок), со почеток во 12.00 часот, во аулата на Филозофскиот факултет во Скопје ќе се одржи поетскиот настан „ХЕЛИКОН ПРЕД МИКРОФОН: читање антички стихови и современа македонска поезија со одгласи на антиката“, во организација на Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет. Настанот е дел од серијата настани што Филозофскиот факултет оваа година ги организира по повод одбележувањето на 105-годишнината од основањето на факултетот.
На „Хеликон пред микрофон“ ќе настапат ученици од средните училишта од повеќе градови во државата (Скопје, Куманово, Делчево, Струга, Прилеп, Гевгелија, Македонска Каменица и др.). Дел од учесниците ќе настапат во живо, а дел со претходно испратена видео снимка. Учесниците ќе читаат избрани препеви на песни од старогрчки и римски поети (Мимнерм, Солон, Теогнид, Платон, Сапфо, Архилох, Катул, Тибул, Хоратиј и др.), како и современа македонска поезија инспирирана од антиката (Блаже Конески, Ацо Шопов, Матеја Матевски, Анте Поповски, Радован Павловски, Петре М. Андреевски, Богомил Ѓузел, Јован Котески и други). Целта на настанот е да ја доближи античката лирика до младата читателска публика и да покаже дека античките мотиви имаат силен одек во македонската поетска традиција. Преку јавниот настап на учениците „Хеликон пред микрофон“ има за цел и да ги поттикне младите да ја доживеат поезијата не само како училишна лектира, туку и како живо уметничко искуство.
Настанот „Хеликон пред микрофон“ е отворен за јавноста, а сите учесници ќе добијат сертификат за учество.



































