Авганистанскиот државјанин Рахманулах Лаканвал (29), обвинет за пукањето врз двајца припадници на Националната гарда во близина на Белата куќа, претходно соработувал со повеќе американски владини агенции, вклучувајќи ја и ЦИА, за време на неговата служба во Авганистан, дознава Фокс њуз.
Лаканвал влегол во САД веднаш по повлекувањето од Авганистан во 2021 година, како дел од програмата на администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден, „Добредојдени сојузници“, наменета за преместување на ранливи Авганистанци и оние кои соработувале со американските сили. Според Си-ен-ен, тој поднел барање за азил во 2024 година, а администрацијата на Трамп, наводно, го одобрила барањето во април 2025 година.
Според разузнавачки извори, неговата соработка со американските структури во Кандахар била основа за неговото доаѓање во САД. Роднина на осомничениот за Ен-би-си изјавил дека Лаканвал поминал 10 години во авганистанската војска, вклучително и во базата во Кандахар, каде што давал поддршка на американските специјални сили.
Поранешниот директор на ЦИА, Џон Ретклиф, ја критикуваше одлуката Лаканвал да добие дозвола за влез во земјата, наведувајќи дека „на такви поединци никогаш не требало да им се дозволи да дојдат во САД“.
ФБИ ја води истрагата и инцидентот го третира како можен акт на меѓународен тероризам. Претседателот Доналд Трамп го осуди нападот, нарекувајќи го „монструозен чин на терор“ и порача дека сторителот „ќе ја плати највисоката можна цена“.
Двајцата гардисти од Западна Вирџинија кои беа повредени во пукањето се сè уште во критична состојба. Нападот, што се случи вчера околу 14:15 часот, бил насочен, а осомничениот е приведен на самото место и во моментот се наоѓа во болница бидејќи бил ранет во престрелката.
Како реакција на инцидентот, Службата за државјанство и имиграција на САД доцна синоќа ја запре обработката на сите имиграциски барања поврзани со авганистански државјани, додека не се спроведе дополнителна ревизија на безбедносните процедури.




































