ТЕНИС
- Претходна репрезентација што освои повеќе од две титули по ред во Дејвис-купот беше селекцијата на САД, која славеше пет пати во низа, од 1968 до 1972 година
Италијанските тенисери го освоија Дејвис-купот третпат во низа откако ја победија репрезентацијата на Шпанија со 2-0 во финалето што се играше во Болоња (Италија). За Италија тоа е четврти трофеј вкупно, откако првиот го освои во 1976 година.
Претходна репрезентација што освои повеќе од две титули по ред во Дејвис-купот беше селекцијата на САД, која славеше пет пати во низа, од 1968 до 1972 година.
Во финалето годинава прво Матео Беретини беше подобар од Пабло Карењо-Буста со 2-0 во сетови (6-4, 6-3), а вториот бод и конечниот триумф за Италија, но по голем пресврт, го донесе Флавио Коболи. Италијанскиот тенисер по голема борба го победи Хауме Мунар со 2-1 во сетови (1-6, 7-6, 7-5) за да го одбрани трофејот, популарната „салатара“.
– Невозможно е да се опише ова чувство. Не знам што направив денеска. Не знам каде сум. Единственото нешто што го знам е дека сме светски шампиони – рече Коболи по триумфот, пренесе „Би-би-си“.
На годинашниот финален турнир во Дејвис-купот Јаник Синер не играше за репрезентацијата на Италија, а Карлос Алкараз не беше во редовите на селекцијата на Шпанија. Г.И.

































