Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека неговиот мировен план за Украина не е конечен.
Неговата изјава уследи откако европските сојузници посочија дека мировниот план на Трамп може да биде основа за преговори, но оти е потребно да се доработи.
– Би сакале да склучиме мир, тоа требаше да се случи одамна. Војната во Украина со Русија никогаш не требаше да се случи. Да бев претседател, тоа никогаш немаше да се случи. Се обидуваме да ја завршиме. На еден или друг начин, мора да ја завршиме – наведе Трамп.
Европските и другите западни лидери подготвуваат координиран одговор на мировниот план на Трамп.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон денеска изјави дека планот на Трамп е добра основа за работа, но оти во преговорите треба да се вклучат и европските лидери.
– Постои мировен план, кој вклучува идеи кои се доста познати, без оглед дали се споделени или не. Тој е добар, бидејќи нуди мир и признава важни елементи за суверенитетот и безбедносните гаранции … Сепак, мировниот план предвидува многу работи за Европејците. Замрзнатите средства ги држат Европејците. Европската интеграција на Украина е во рацете на Европејците – наведе Макрон на маргините на Самитот на Г20 во Јужна Африка.
Франција, Велика Британија и Германија се во неформален сојуз за безбедност наречен Е3. Нивните советници за национална безбедност утре во Женева ќе разговараат со претставници на Европската Унија, САД и Украина за мировниот план на Трамп.
Новоименуваниот специјален пратеник за промоција на мировниот план за завршување на војната во Украина, Даниел П. Дрискол веќе пристигнал во Женева, а се очекува да пристигнат и специјалниот пратеник Стив Виткоф и државниот секретар Марко Рубио.
Вечерва во Женева ќе пристигне и украинската делегација, предводена од шефот на претседателскиот кабинет, Андриј Јермак.
Мировниот план за Украина на Трамп содржи 28 точки. Украина изрази загриженост бидејќи планот вклучува неколку клучни руски барања: Украина да се откаже од дел од својата територија, да ја намали својата армија и да се откаже од членството во НАТО. Русија би ги задржала Доњецк, Луганск и Крим, но би морала да се откаже од другите освоени територии.
Предвидено е Украина да добие западни безбедносни гаранции за да спречи понатамошни руски напади.
Планот, исто така, предвидува огромен глобален пакет мерки за да ѝ се помогне на Украина веднаш да почне со обнова на уништената земја, вклучително и формирање на Украински фонд за развој, кој би инвестирал во брзорастечките индустрии, технологијата, центрите за податоци и во вештачката интелигенција.
Претходно, украинскиот претседател Володимир Зеленски, коментирајќи го мировниот план, предупреди дека Украина „или ќе го изгуби достоинството или ќе ризикува да изгуби голем партнер“.
Рускиот претседател Владимир Путин потврди дека Москва го добила американскиот план и оти тој може да биде основа за мирно решавање на конфликтот.
Путин истакна дека Украина е против планот, но дека ниту Киев ниту европските сили не ја разбираат реалноста оти руските сили напредуваат во Украина и ќе продолжат доколку нема мир.


































