Фото: Кабинет на потпретседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците

Потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, денеска остварил работна средба со делегација од Амбасадата на НР Кина во Скопје, предводена од новоименуваната амбасадорка, Џанг Сиаојан, која, како што информираат од неговиот Кабинет, се одржала во конструктивна атмосфера, при што двете страни изразиле „задоволство од континуитетот и квалитетот на билатералните односи“.

Амбасадорката Сјаојен, го реафирмираше принципиелниот став на Народна Република Кина за почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија. Во рамки на разговорите, како што се вели во соопштението, било потенцирано дека односите меѓу двете држави се карактеризираат со долгогодишно меѓусебно разбирање, почитување и поддршка, како и дека постои солидна основа за нивно натамошно унапредување.

-Предизвиците не се мали, ниту ограничувањата, но нема да се откажам од тој прозорец на соработка со Кина. Треба пречките да ги надминуваме, а расположението да го преточиме во соработка“, истакна потпретседателот и министер Стоилковиќ и осврнувајќи се на трговската размена меѓу двете земји додавајќи „Имаме размена која е диспропорционална, затоа бараме трговска преференција за македонските производи. Ова се ситни чекори кои мораат да почнат да се реализираат и работите да се туркаат напред“ – се вели во соопштението од Кабинет на потпретседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците.

Сиаојан, стои во соопштението, изразила подготвеност да придонесе кон продлабочување на соработката во областите од заеднички интерес, со цел дополнително јакнење на партнерските врски, со фокус на визниот режим за кинеските граѓани и акцент на туризмот за што најави средба со тамошните туроператори.

На крајот од средбата, соговорниците ја истакнале важноста од одржување редовен и интензивиран дијалог како предуслов за понатамошен напредок во билатералните односи. Двете страни, се вели во соопштението од Кабинетот на Стоилковиќ, изразиле подготвеност за продолжување на досегашната успешна соработка, како и за иницирање нови проекти и активности кои ќе придонесат за создавање уште посилни и поодржливи врски меѓу Македонија и НР Кина.