МАКЕДОНСКАТА АМБАСАДА ДЕЛ ОД КУЛТУРНАТА ДИПЛОМАТИЈА ВО КАТАР
Во просториите на Музејот за модерна уметност во Доха беше одржана изложба на бројни амбасади во Државата Катар на здружението за културна дипломатија, уметност и мода на дипломатскиот кор во оваа заливска земја.
Македонската амбасада беше претставувана од вршителката на должност д-р Викторија Чавкоска и третиот секретар Исмаил Рахман.

Како една од поактивните амбасади во Катар, на в.д. амбасадорката д-р Чавкоска и беше укажана чест да одржи поздравен говор за улогата на културната дипломатија денес како и за нејзината улога како мост на спојување на различните народи.

Амбасадата притоа упати и посебна благодарност до д-р Татјана Мартиноска Коб, која имаше особен придонес за македонското претставување со извонредна изложба на материјалното наследство. За оваа пригода д-р Мартиноска ги позајми нејзините ракотворби и материјали кои ги сочувала и имаат сентиментално значење за секој еден од нас и се дел од македонското културно наследство: како на пример струшкиот вез, охридските бисери, стара носија од дете, килим стар повеќе од 100 години и други предмети и накит. Посебно внимание привлекоа нејзините работилници каде преку уметнички пристап на изработка на дела (перници) се применуваат во медицината, со цел подобрување на менталното здравје. Х.И.




































