Фото: Влада

Примената на вештачка интелигенција има голем потенцијал да ја подобри дијагностиката, персонализираната медицина, откривањето нови лекови и молекули кои ќе овозможат одредени болести многу подобро да се лекуваат со помалку нус појави. Исто така, таа ќе помага во намалувањето на времето коешто лекарите и медицинскиот персонал го трошат на административно работење. Ова се дел од заклучоците од овогодишното издание на „Health Innovation Expo 2025“ – најсовремениот Саем за медицина, стоматологија и фармација, кој денеска и утре се одржува во Скопје.

На Саемот беше посочено дека вештачката интелигенција треба да биде интегрирана заедно со медицинскиот персонал со лекарите и таа ќе даде дополнителна вредност, односно дополнителна способност и вештина на медицинските лица во обезбедување подобра здравствена заштита на самите пациенти, а не нивна замена.

Министерот за здравство, Азир Алиу истакна дека дигиталната трансформација во здравствениот систем не е едноставна, бидејќи, како што рече, еко-системот во секоја земја е комплициран.

-Ценам дека чекалните со пациенти кои имаат папки и ќесиња со документи треба да биде минато, историја. Знаете дека еден од клучните пет столба кои ги имаме како Министерство е дигиталната трансформација. Дигиталната трансформација во здравствениот систем не е едноставна, бидејќи еко-систем како во секоја земја е комплициран. А кога се прави свичување од еден во друг процес, дигитализирање на процесите, тогаш треба и обуки и заеднички пристап и на приватните и државните институции со цел таа дигитална трансформација да не биде скенирање и дигитализација на документи, туку да донесе автоматизирани и дигитализирани процеси во здравството – рече тој.

Министерот нагласи дека за да имаме алгоритми што обработуваат и алармираат за некој процес во здравството, мора да се има интегриран систем кој што црпи податоци од секоја здравствена институција во државата.

Алиу информираше и дека веќе работат на пилот проект за теле-медицина во два града – во Дебар и во Делчево. Потенцираше дека работат и на измени на 12 закони кои се однесуваат на здравствената заштита.

-Ќе имаме центар за теле-медицина, кој во првата фаза ќе почнеме и веќе е при крај проектот за консултации помеѓу специјалисти и пациенти во овие два града и понатаму ќе се развие тој протокол за да може да биде дел од здравствената инфраструктура и теле-медицината – нагласи Алиу.