Јубилеи
Во далечната 1865 година е отворено училиштето во струмичкото село Дабиља, кое денес го носи името „Св. Кирил и Методиј“. Според фолклористот и просветен работник Иван Котев, втората половина на 19 век е време на полет, на народно будење, на патриотски занес и големи зафати.
– Во тој период се граделе училишта во кои се учело на народен македонски јазик, а во црквите се проповедало на разбирлив црковнословенски јазик. Побистрите деца се испраќале да се школуваат за учители или за свештеници. Во екот на тие просветно–црковни превирања никнува и првото училиште во селото Робово, Струмичко, во кое учителствувал младиот Арсениј Костенцев од Ново Село кај Штип. Тоа било во 1860 година. Само пет години подоцна, училишта на народен македонски јазик никнуваат и во повеќе околни села, меѓу кои е и селото Дабиља – раскажува Иван Котев.
Во ова училиште учителствувале и се образовале голем број личности што оставиле печат на своето време. Меѓу учителите што треба да се истакнат е Никола Казанџиев од Радовиш, кој овде бил учител во предвечерието на големиот Илинден. Тој му бил близок соработник на Гоце Делчев, а бил учесник и во Шпанската граѓанска војна. Овде своето образование го добиле и Костадин Самарџиев-Џемото, Стојан Ѓоргиев и други видни дејци и револуционери што ги вградија своите животи за слободата на Македонија.
– Од 1944 година училиштето почна да изведува настава на македонски литературен јазик. Во почетокот на 1970-тите години, поточно во 1960/1961 година училиштето ја проширува својата дејност преминувајќи во осумгодишно основно училиште, кое денес го носи името на сесловенските просветители и светители Св. Кирил и Методиј – вели Котев.
Ова училиште дало голем број значајни личности од областа на науката и уметноста, особено ликовната уметност, литературата, музиката, медицината, воените науки. Тука ќе ги спомнеме композиторот Миле Барбаровски, неговиот брат, текстописецот Георги Барбаровски, ликовниот уметник Ниче Василев и други.
Годинава училиштето ќе слави двоен јубилеј – 160 години од отворањето на првото училиште во Дабиља на народен македонски јазик и 65 години постоење на осумгодишно (сега деветгодишно) училиште. Ф.Д.




































