Студија за температурите минатото лето
Жештините во текот на 2024 година во Европа предизвикале повеќе од 62.700 смртни случаи. Тоа се поврзува со необично високите температури и влажноста, кои се во пораст од речиси 25 проценти во однос на 2023 година, покажуваат резултатите од студијата на Институтот за глобално здравје во Барселона, објавена во списанието „Нејчр медисин“.
– Во Европа, од летото во 2022 до летото во 2024 година, се регистрирани повеќе од 181.000 смртни случаи поврзани со жештината – рече Жоан Балестер Кларамунт, главна авторка на студијата.
Италија најпогодена од непријатните летни жештини
Токму како и во 2022 и 2023 година, Италија минатата година била драстично најпогодена од непријатните летни жештини. Според процените на експертите, помеѓу 1 јуни и 30 септември 2024 година, во оваа земја од последиците на летните жештини умреле 19.000 луѓе. Шпанија е втора со повеќе од 6.700 смртни случаи, а по неа следува Германија со околу 6.300 смртни случаи.
Според неславните податоци, Грција има нешто помалку од 6.000 смртни случаи, а Романија над 4.900 жители што починале поради последиците од жештините.

Постарите лица се особено изложени на ризик
Во најголема опасност се лицата од третата доба. Рангирањето се менува кога се проценува бројот на смртни случаи поврзани со необичните жештини во однос на бројот на населението на одредена земја.
Податоците од студијата укажуваат на тоа дека во тој случај, Грција е на неславното прво место со 574 смртни случаи предизвикани од жештината на еден милион жители, следуваат Бугарија со 530 и Србија со 379.
Во 15 од 32 проучувани земји, летото во 2024 година било најсмртоносно во последните неколку години. Во некои земји, како што се Германија, Шпанија и Франција, летото во 2022 година било дури и полошо.
Вкупно, истражувачите забележале дека во Европа во 2022 година имало малку повеќе смртни случаи поврзани со жештината отколку во 2024 година. Во таквите варијации, фактори како што се регионалните разлики во температурата и влажноста играат важна улога. Истражувачите истакнале дека постарите лица се особено изложени на ризик.


































