• Агенцијата АП состави листа на впечатливи домашни прваци, на која се Лестер, Боависта, Кајзерслаутерн, Верона, Монпелје и Нотингем форест
  • Мјалби ја состави најновата приказна за аутсајдер во европскиот фудбал, освојувајќи ја титулата во шведската лига и покрај сите очекувања, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Мјалби, кој ги игра своите натпревари во рибарско село со околу 800 жители покрај Балтичко Море, се придружи на листата со неверојатни освојувачи на титули во Европа во текот на годините, кои продолжуваат да им даваат надеж на помалите тимови, пишува АП. Во продолжение некои од нив.
  • Лестер (2016 година). Постои само едно место за почеток, бидејќи тоа е можеби најголемата бајка во фудбалот. Една сезона откако тесно опстана во англиската Премиер-лига, Лестер, со претсезонски коефициент од 5.000:1, изненади еден куп од најдобрите клубови во Европа освојувајќи ја првпат англиската титула. Џејми Варди. Н’Голо Канте. Ријад Марез… Листата на херои на Лестер продолжуваше и продолжуваше, а ривалите не можеа да го спречат овој тим од централна Англија, предводен од Италијанецот Клаудио Раниери, пишува АП.
  • Боависта (2001 година). Од 1946 година, само еден тим ја прекинал годишната тројна трка за титулата помеѓу најголемите тимови во Португалија, Порто, Бенфика и Спортинг. Тоа беше Боависта, која ја освои првата и досега единствена титула во лигата во својата 122-годишна историја, во 2001 година, под водство на тренерот Жаиме Пачеко. Боависта загуби само три од своите 34 натпревари. Големата тројка не дозволи тоа да се случи оттогаш, пишува „Асошиејтед прес“.
  • Кајзерслаутерн (1998 година). Единствениот тим што ја освои германската Бундеслига во сезоната откако беше промовиран е Кајзерслаутерн, кој ги изненади двата гиганта на германскиот фудбал. Сѐ почна со победа со 1-0 на дуелот со Баерн во првото коло и Кајзерслаутерн, со вредни играчи во целиот тим, никогаш не застана, а триумфот беше осмислен од нивниот тренер Ото Рехагел, кој шест години подоцна ја предводеше Грција до трофејот на Европското првенство, пишува АП.
  • Верона (1985 година). Најнеочекуваниот шампион во лигата на Италија беше Верона, клуб од северна Италија што ги надмина Јувентус, европскиот шампион таа година, Рома, финалистот на Купот на европските шампиони претходната година, и Наполи на Диего Марадона, за да ја освои Серија А. Верона во лигата влезе во 1982 година, а ја освои титулата со четири бода разлика под водство на Освалдо Бањоли. Сезоната можеби најдобро се памети по данскиот напаѓач Пребен Елкјер, кој постигна брилијантен гол во победата на средбата со Јувентус и покрај тоа што му се симна копачката додека го изведуваше нападот, пишува „Асошиејтед прес“. Тоа е запишано во историјата на Верона.
  • Монпелје (2012 година). Клубот од јужна Франција, Монпелје, донесе возбудлив финиш на сезоната 2011/2012, надминувајќи ги ПСЖ и Лил и освојувајќи го шампионатот во последниот ден во таа сезона со три бода разлика, а ѕвездата, напаѓачот Оливие Жиру постигна 21 гол, изедначен рекорд за најмногу во лигата, и му помогна да обезбеди трансфер во Арсенал тоа лето, пишува АП.
  • Нотингем форест (1978 година). Пред Лестер беше Нотингем форест. Тимот подоцна го освои Купот на европските шампиони во 1979 и во 1980 година, а го почна своето речиси чудесно патување со совладување на моќниот Ливерпул и освојување на титулата во англиското фудбалско првенство во 1978 година со седум бода разлика. Една година претходно, Нотингем форест обезбеди пласман во највисокиот ранг на англискиот фудбал со освојување на третото место во Втората лига, пишува АП. Сето тоа беше оркестрирано од харизматичниот менаџер Брајан Клаф, кој веќе ја освои англиската титула против сите очекувања, со Дерби, во 1972 година. Сега тој го направи тоа со Нотингем форест, кој, исто така, го освои Лига-купот во таа сезона, победувајќи го Ливерпул во финалето, по повторен натпревар, пишува „Асошиејтед прес“. Н.М.