Куќа на знаењето
Драги читатели, од денеска на страниците на „Колибри“, меѓу многубројните други содржини, ќе се дружите со новата рубрика „Куќа на знаењето“. Сте биле ли некогаш во музеј? Ако сте биле, сигурно сте научиле многу интересни нешта. Имајќи предвид дека во Македонија има многу убави и интересни вакви установи ја креиравме оваа рубрика, со цел во секој број на „Колибри“ да ве однесеме во некој македонски музеј. Викендов го прославивме големиот државен празник 11 Октомври, па токму затоа, не случајно, низ куса приказна ќе ве прошетаме до Прилеп, во меморијалниот музеј „11 Октомври“.
Овој музеј се наоѓа во срцето на Прилеп и штом ќе стигнете во центарот на градот, лесно ќе го пронајдете. Зградата во која е сместен музејот е изградена во почетокот на 20 век, а за време на фашистичката окупација во објектот била сместена бугарската полиција, позната како участок. На 11 октомври 1941 година, борците од прилепскиот партизански одред извршиле оружен напад врз участокот и врз други објекти во градот, со што започнало оруженото востание на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор. На 1 мај 1952 година, во участокот првпат е отворен Музеј на Народноослободителната војна, а за споменик на културата меморијалниот музеј „11 Октомври 1941“ е прогласен во 2003 година. Музејската поставка, која се состои од фотографии, документи, карти, скици, предмети и партизанска опрема е сместена во простор од околу 230 квадратни метри и располага со три сали.
Во првата сала е прикажана историјата на Прилеп и Прилепско до 1940 година, период што ги опфаќа преродбенското движење, илинденскиот период, Балканските војни, Првата светска војна и периодот меѓу двете светски војни. Во салата број два се прикажани настаните по априлската војна во 1941 година, окупацијата на Македонија до почетокот на оруженото востание во Прилеп на 11 октомври 1941. Во третата сала, музејската поставка е посветена на настаните од 11 октомври 1941 со фотографии на борците што го извршиле оружениот напад на участокот, затворот и на телекомуникациската мрежа.
Во музејската поставка стои и списокот на 154 борци носители на „Партизанска споменица 1941“ од Прилеп и Прилепско. На еден од ѕидовите на музејот се наоѓа и огромниот мурал „Националноослободителните борби на македонскиот народ“ од прилепскиот ликовен уметник Борко Лазески, а во средината од салата се наоѓа макета на участокот. Во ходникот на катот се поставени указите, повелби на петнаесетте народни херои од Прилеп, како и бистата од бел мермер на Јосип Броз Тито.
Штом ќе одите во Прилеп, не заборавајте да ја посетите оваа сиво-бела зграда во центарот, оваа куќа полна со знаење за историјата на македонскиот народ.
Ф.Д.