- Денеска на платото на Средно Водно ќе се одржи вториот блок активности, кои вклучуваат различни спортски игри, тренинг-зона и зона за релаксација, како и натпревари во баскет 3х3, фудбал 3х3 и рекреативно искачување до врвот на Водно
Со голем број активности во кои се вклучени спортисти, рекреативци и граѓани од сите возрасти, во Скопје во тек е Европската недела на спортот, проект што го спроведува Министерството за спорт во рамките на најголемата европска иницијатива за промоција на спортот и физичката активност, Европската недела на спортот, која годинава одбележува 10-годишен јубилеј.
Министерот за спорт Борко Ристовски ги поздрави учесниците на овој масовен спортски настан, кој од година на година добива сѐ повеќе приврзаници. На свеченото отворање на Европската недела на спортот присуствуваше и амбасадорот на Италија, Н.Е. Паоло Палминтери, и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, информира Министерството за спорт.
– Ваквите настани од година на година треба да бидат сѐ помасовни и попопуларни, бидејќи тие значат промоција на спортот и на физичката активност. Преку овие активности ја испраќаме најсилната порака дека спортот е здравје, спортот ги обединува луѓето и промовира вистински вредности – рече министерот Ристовски, поздравувајќи ги учесниците и гостите на настанот, пренесе Министерството за спорт.
Во рамките на Европската недела на спортот, годинава се реализираат три големи настани, на 23 и 26 септември во Скопје и на 27 септември во Охрид. Почетокот на активностите беше одбележан на спортските терени во ОУ „Кочо Рацин“ во Скопје и на околните улици, каде што се одржаа велосипедски и атлетски трки, натпревари во тимски спортови, фитнес и рекреативни работилници.
Денеска на платото на Средно Водно ќе се одржи вториот блок активности, кои вклучуваат различни спортски игри, тренинг-зона и зона за релаксација, како и натпревари во баскет 3х3, фудбал 3х3 и рекреативно искачување до врвот на Водно. Финалниот настан „Би актив најт“ ќе се одржи утре, на кејот во Охрид, и ќе вклучува натпревари во баскет 3х3, ракомет, пинг-понг, стрелаштво, фитнес и аеробик-зона.
Европската недела на спортот е иницијатива на Европската комисија со цел да ги поттикне физичката активност, рекреацијата и здравиот начин на живот кај граѓаните од сите возрасти и да биде инспирација за илјадници луѓе да бидат активни и да ја почувствуваат енергијата на спортот, пишува Министерството за спорт. Г.И.