- Некои тимови речиси ги напуштија своите дизајни на автомобили за 2025 година во почетокот на годинава, во потрага по најголемиот поттик што би можеле да го добијат во 2026 година, пишува АП
В година, Формула 1 (Ф1) ќе претрпи една од најголемите промени во генерацијата. Сеопфатните нови прописи ќе ги променат изгледот, звукот и работењето на автомобилите. Целта е да се направат „поагилни, конкурентни, побезбедни и поодржливи“, вели управното тело ФИА, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Некои тимови речиси ги напуштија своите дизајни на автомобили за 2025 година во почетокот на годинава во потрага по најголемиот поттик што би можеле да го добијат во 2026 година.
АП разговараше со Николас Томбазис, кој го надгледува преминот кон новите правила како директор за тркачки серии со едноседи во ФИА, за да објасни како промените ќе влијаат на акцијата на патеката и што уште би можело да се промени.
Тимовите ги чуваат своите податоци за развој, но она што стана јавно сугерира дека најбавните автомобили би можеле да бидат далеку од темпото. Производителот на гуми „Пирели“ потврди за АП дека проценетите времиња на извозени кругови што ги добил од тимовите варираат за четири секунди. Ф1 има правило што теоретски би можело да ги исклучи автомобилите ако нивните квалификациски времиња не се во рамките на 107 отсто од најбрзиот автомобил. Значи, дали автомобилите би можеле да се сметаат за премногу бавни за трка?
– Мислам дека 107 проценти е малку веројатно, според мене. За в година имаме поголемо ниво на неизвесност во перформансите, тоа е апсолутно точно. Имаме нови членови. Имаме нови прописи. Две од овие работи заедно можат да значат дека може да има поголеми разлики на некои места – рече Томбазис.
Разликата во однос на 2025 година може да биде огромна. И покрај доминацијата на Мекларен досега сезонава, шест различни тима се пласираа на подиумот и помалку од една секунда ги оддели сите во некои квалификациски сесии.
Строгите правила за тестирање на Формула 1 значат дека овие автомобили не се на вистинскиот пат, туку се само во симулации направени од тимовите. Понекогаш тоа може да даде алармантни резултати, рече Томбазис.
– Кога има приказна од типот „добро, го возев автомобилот и направи ’икс‘“, во 99 отсто од случаите (на) тој „икс“ што можеби го загрижил возачот или тимот седнуваме и го решаваме – рече тој.
Една клучна област каде што правилата уште би можеле да се приспособат е колку работа треба да извршат возачите. Акцентот на електричната енергија во новите правила значи дека проценувањето кога и како да се распореди таа моќ може да биде клучна вештина. Уште не е јасно колку од тоа ќе биде автоматизирано.
Томбазис рече дека „дополнителната работа“ за управување со автомобил веќе е клучна вештина и претставува голем дел од тимскиот радиоразговор што е толку популарен кај гледачите, но „она што не сакаме да го направиме е да создадеме ситуација што оди во друга крајност, каде што возењето станува како шаховска игра каде што е само прашање на управување со енергијата и распоредување на енергијата“, пишува АП.
Новите правила го задржуваат дизајнот на турбохибридниот мотор првпат воведен во 2014 година, но со поголем акцент на електричната енергија. Производителите што имаат проблем можат да добијат исклучоци што им овозможуваат да трошат над ограничувањето на трошоците за развој на мотори, кои се сметаат за премногу неконкурентни или несигурни. ФИА ќе проверува на секои шест трки за да види кој има право на зголемување. Ограничувањето на трошоците „е од суштинско значење за финансиската одржливост на спортот“, рече Томбазис.
– Но, од друга страна, создава проблем, ако значително заостанувате во перформансите и не можете да потрошите повеќе за да ги вратите перформансите – вели тој.
Тоа нема да биде моментно решение, нагласи Томбазис. Само му дава можност на производителот да истражи решение.
– Не додаваме никакви вештачки перформанси на ниту еден автомобил или вештачка баласт на ниту еден автомобил или нешто слично. Ова апсолутно не е нешто што некогаш ќе се случи во Формула 1 – рече тој, пренесе АП.
Гумите за дожд можеби се најмалку корисна ставка во Ф1. Кога е доволно влажно за да се користат, опашките од прскање што доаѓаат од автомобилите обично значат дека видливоста е премногу лоша за да се трка. Тоа е делумно поради аеродинамичните подови на сегашните автомобили. Значи, следната генерација потенцијално би можела да значи повеќе влажни трки, пишува АП.
– Би лажел ако кажам дека имавме целосна доверба во тоа како автомобилите ќе се покажат на дожд во врска со прскањето и со видливоста – рече Томбазис.
Тој додаде дека ФИА сака да спречи повторување на трката во Белгија од 2021 година, кога не беше можна трка со зелено знаме.
– Кога гледачите плаќаат многу пари за да го поминат целиот викенд седејќи и гледајќи трка, а потоа на крајот мора да си одат дома (по многу ограничена трка), тоа е апсолутно ужасно. Постојат голем број проекти што се оценуваат со цел да се минимизира можноста тоа некогаш повторно да се случи и мислам дека има некои ветувачки трендови – рече тој. Н.М.