Наградата „Букстар“ за најзначајна книга меѓу двете изданија на фестивалот „Букстар 2025“ му се доделува на Блаже Миневски за збирката раскази „Опаш во устата“ („Антолог“, 2025).

Со оваа книга Миневски уште еднаш го потврдува своето врвно раскажувачко мајсторство. Во книгата како во магионичарски перформанс се преплетуваат традицијата и современоста, хуморот и горчината, реалното и фантастичното, историското и личното. Расказите функционираат како дестилат на вековната усна македонска наративна традиција, претставувајќи богатство од стилови и пристапи – од репортажа и фељтон до фасцинантна и имагинарна фикција. Некои од расказите се веќе објавени како добитници на највисоките можни награди за расказ и имаат стекнато извонредни критички реакции од домашната и меѓународната јавност. Кај Миневски е особено уочливо виртуозното поигрување со нарацијата, оригиналноста во обработката на историските теми, камелеонското менување на стилот и фокализаторот до непрепознатливост, како и способноста да се оживеат различни слоеви од видливото и невидливото. Со книгата „Опаш во устата“, Миневски не само што го потврдува својот раскажувачки глас како водечки во македонската литература туку ја збогатува современата проза, создавајќи дело што може да се пренесе и надвор од локалниот контекст, отворајќи ја домашната книжевност кон пошироки културни хоризонти.

Блаже Миневски (1961) е прозаист и драмски автор. Автор е на десет романи. За романот „Нишан“ ги доби наградите „Стале Попов“, „Роман на годината“ и наградата на Град Скопје – „13 Ноември“, а за романот „Свирци“ ја доби наградата „Прозни мајстори“ на фондацијата „Македонија презент“. Миневски ја има добиено и наградата „Најчитан автор“, признание што го доделува Националната библиотека „Свети Климент Охридски“ од Скопје. За романот „Ако се родат некакви чувства“, посветен на љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче, Миневски ги доби наградите „Стале Попов“ и „Рациново признание“ по вторпат. Освен досега објавените романи, Миневски има публикувано и неколку книги раскази, меѓу кои се „Пристапната беседа на академик Сисое“, „Во рогот на волот“ и „Сезона на глуварките“, за која го доби престижното „Рациново признание“. Неговите драмски текстови со години беа на репертоарите на македонските професионални театри, но се играа и како премиери на „Охридско лето“ и на „Скопско лето“, а за пиесата „Немушт јазик“ ја доби наградата на МНТ за најдобар драмски текст во 2001 година.

Блаже Миневски е застапен во сите антологии на македонската кратка проза објавени во последните триесетина година во Македонија и надвор од неа, а за неговите раскази, преведени на повеќе од дваесет јазици во светот, е многукратен добитник на наградите „Студентски збор“, „Нова Македонија“ и „Живко Чинго“.

Наградата ќе биде доделена на отворањето на фестивалот на 29 септември од 19.30 часот, во салата „Империјал 2“ на Културно-информативниот центар. Наградената книга ќе ја претстави проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Наградата „Букстар“ се доделува од 2016 година. Првите две години од воведувањето во фокус беше книгата што поттикнала најголем интерес помеѓу две фестивалски изданија, но потоа се доделува на актуелна книга или автор во текот на претходната година. Наградата се состои од плакета и статуетка дизајнирана од Игор Делов. Дeл од досегашните добитници се: Светлана Алексиевич, Николо Аманити, Евгениј Водолазкин, Наџат ел Хачми и други. Миневски е прв македонски добитник на оваа значајна награда, и тоа во годината кога „Букстар“ го свртува своето внимание кон домашната литература и предизвиците со кои се соочуваат македонските писатели.