- Оваа величенствена градба, во која се изложени повеќе од 2.500 слики и повеќе од 4.500 комплети културни реликвии што ги прикажуваат стоте години историја на Комунистичката партија на Кина, претставува духовен дом за членовите на партијата, чие мото е дека само преку разбирање на историјата може да се гледа напред во иднината
Весна Дамчевска, наша известувачка од Пекинг
Пекинг е град со многу музеи, а некои од нив навистина не смеете да пропуштите да ги посетите поради тоа што станува збор за неверојатни места, историски згради, од кои некои ја симболизираат историјата на оваа илјадалетна нација преку своите исклучително богати и блескави збирки. Меѓу нив се Музејот на антиквитети на кинеските цареви, Националниот музеј на Кина (трет најпосетуван музеј во светот и втор меѓу оние што во кинеската престолнина примаат најголем број странски посетители), Кинескиот музеј на воздухопловството, Кинескиот национален музеј на уметноста (со повеќе од сто илјади експонати), Националниот музеј на кинематографијата…
Еден од поновите меѓу нив е Музејот на комунизмот, отворен во 2021 година, по повод стогодишнината од основањето на Комунистичката партија на Кина. Музејот, во кој има трајна поставка, се наоѓа во областа на Олимпискиот парк во округот Чаојанг во Пекинг. Изградбата на музејот, во која учествувале над 50 илјади луѓе, започнала на 10 септември 2018 година, а била завршена на 5 мај 2020 година. Поставката ги раскажува историјата на Комунистичката партија на Кина и обновата на кинеската нација преку експонати низ кои може да се проследат почетоците на големата револуционерна кауза сѐ до отворањето на патот кон блескавата иднина на земјата.
Минувајќи низ огромниот плоштад можете да ја видите огромната бела зграда како мирно стои таму. Преку јужната порта сончевата светлина пробива низ 28-те столба пред портата, кои се симбол на 28-годишната тешка борба на Комунистичката партија на Кина. Меморијалната сала се протега на површина од неверојатни 17.985 квадратни метри, а објектот е спој на традиционалната кинеска монументална архитектура и новите достигнувања во градителството. Дизајнот на објектот е индустриски и го симболизира раѓањето на новата Кина. На плоштадот пред самиот влез во музејот е поставена масовна скулптура составена од вкупно 276 човечки фигури, кои ја раскажуваат приказната за стогодишната борба на КПК за добросостојбата на кинескиот народ и националното обновување. Близу две третини од основната површина на зградата се дизајнирани како изложбен простор. Во оваа величествена градба се изложени повеќе од 2.500 слики и повеќе од 4.500 комплети културни реликвии што ги прикажуваат стоте години историја на Комунистичката партија на Кина на еден панорамски и епски начин. Изложбената сала претставува духовен дом за членовите на Комунистичката партија на Кина, чие мото е дека само преку разбирање на историјата може да се гледа напред во иднината.
Какви приказни се кријат зад овие 100 години историја? Кои анегдоти ги обликувале комунистите? Која реликвии чекаат да ги видат очите на идните генерации? Музејот на Комунистичката партија на Кина, своевидно архитектонско чудо, ги има одговорите на овие прашања. Ова е повеќе од музеј, ова е порта за разбирање на еден век длабока трансформација и трајно наследство. Музејот нуди уникатно патување низ историјата и срцето на политичката револуција на Кина и обезбедува севкупно разбирање на улогата на КПК во обликување на современа Кина.
Ова своевидно едукативно искуство ги кани посетителите од сите делови на светот да бидат сведоци на приказната за отпорот, револуцијата и обновата. Музејот е достапен и за странските посетители преку можноста за изнајмување аудиоводичи на англиски јазик или, пак, со придружба од професионални водичи низ изложбата, но за тоа ви е потребна резервација однапред. Некои од изложбените содржини имаат мултимедијални прикази за странските посетители подобро да ги разберат. Постојат и некои рестрикции при посетата, како на пример забрането е внесување предмети со политичка или религиозна содржина, комерцијални материјали, запаливи супстанци, домашни миленичиња, течности, големи чанти и професионална фотографска опрема. Фотографирањето е ограничено за дел од содржините, а за снимање низ поставката е потребна претходна дозвола од музејот.
Без оглед на тоа дали сте љубител на историјата, културен ентузијаст или само сте љубопитни за минатото на Кина, Музејот на КПК е задолжителна дестинација во Пекинг, која нуди незаборавен поглед во столетната трансформација на оваа земја.