Фото: ЕПА

По поразот од Грција, четирикратниот европски првак Шпанија ги заврши групните натпревари со резултат 2-3, не успевајќи да ја мине првата фаза за првпат од 1977 година

КОШАРКА – ПО ГРУПНАТА ФАЗА НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ЗА МАЖИ

Европа ќе добие нов европски шампион за 2025 година, откако Грција го елиминира актуелниот првак Шпанија на 42. Европско првенство (ЕП) во кошарка за мажи, кое се одржува во Финска, Полска, Летонија и Кипар. Во неизвесна и возбудлива завршница, Грција славеше 90-86 и со резултат од 4-1 е прва во групата Ц. Четирикратниот европски првак Шпанија, пак, ги заврши групните натпревари со резултат 2-3, не успевајќи да ја мине првата фаза за првпат од 1977 година. Победата на Грција значеше дека Грузија, исто така, го резервира својот билет за Рига, оти имаше резултат 2-3, а патем ја победи Шпанија. НБА-ѕвездата Јанис Антетокумпо го заврши мечот со трипл-дабл (25 поени, 14 скока и девет асистенции, а Тајлер Дорси додаде 22 поени (шест тројки, пет скока и четири асистенции). Кај Шпанија, Хаиме Прадиља запиша 14 поени, а Марио Сент-Супери 13. Грција шутираше со 53 отсто успешност, од кои 48 отсто се од тројки. Шпанија имаше само седум изгубени топки, но погоди само 21 од 37 слободни фрлања (57 отсто). Со поразот, Шпанија стана првиот шампион што не продолжи понатаму од првата групна фаза од 1993 година, кога шампионот Германија беше елиминиран на ЕП 1995 година. Шпанија доминираше над Грција во последно време со резултат 19-7 во победи, вклучувајќи седум победи во осумте меча од 2006 година, како и финалето на СП 2006, полуфиналето на ЕП 2007 и 2009 и четврт-финалето на ЕП во 2015 година.
Во полуфиналето се пласираа уште Италија, БиХ и Грузија (група Ц) и Франција, Полска, Словенија и Израел (група Д). Ден претходно истото тоа го сторија Турција, Србија, Летонија и Португалија (група А) и Германија, Литванија, Финска и Шведска (група Б). Долната страна од костурот е мошне атрактивна и таму ќе има голема борба за пласман во финалето. Најинтересен меч во осминафиналето ќе биде оној меѓу Италија и Словенија, а тука се уште и Германија, Србија и Франција. Можно е во четврт-финалето да се сретнат Србија и Франција, како и Германија со Италија или Словенија. Во горниот нема толкава конкуренција, а најголеми фаворити тука се Турција и Грција, кои е можно да играат во полуфиналето. Некои од осминафиналните дуели се играа вчера, а дел денеска. Четврт-финалето е на 9 и 10 септември, полуфиналето на 12 септември, а ЕП ќе заврши со натпреварите за трето место и финалето в недела. Сите натпревари сега се играат во главниот град на Летонија, Рига.

Словенецот Лука Дончиќ, кој игра за ЛА Лејкерс, надмина многу легендарни поентери на ЕП, а би можел да го престигне и Хрватот Дражен Петровиќ до крајот на ова ЕП. Со 37-те поени против Израел, Дончиќ се проби меѓу првите четворица најдобри стрелци на сите времиња по дадени поени во просек по натпревар (22,5) на 21 меч. Германецот Денис Шредер е единствениот друг активен играч што е во топ пет (22,1) на 25 меча, но словенечкиот капитен е и пет и пол години помлад од Шредер. Дончиќ сега сака да влезе во елитното трио европски стрелци, Гркот Никос Галис (31,2) на 33 меча, Србинот Радивој Кораќ (24,8) на 24 меча и Петровиќ (23,2) на 26 меча. На листата се земаат предвид само играчи што одиграле најмалку 20 натпревари на ЕП.
Селекторот на Словенија, Александар Секулиќ, го нарече Дончиќ најдобриот играч во светот по неговото ремек-дело од 37 поени во четвртокот.
– Искачувањето на четвртото место ја покажува величината на Лука што тој ја носи на ЕП, натпреварување полно со одлични играчи, неверојатни тренери и прекрасни приказни што треба да се видат на теренот. Тоа што Лука е покрај легенди како Галис, Кораќ и Петровиќ, само покажува колку голем кошаркар е, а има само 26 години – рече Секулиќ, пренесе ФИБА. Г.И.


Групната фаза низ бројки

Најмногу дадени кошеви – Германија, 529
Најмалку дадени кошеви – Кипар, 295
Најмалку примени кошеви – Италија, 333
Најмногу примени кошеви – Б. Британија, 484
Најдобра кош-разлика – Германија, плус 164
Најлоша кош-разлика – Кипар, минус 165
Сите победи (10 бода) – Турција и Германија
Сите порази (пет бода) – Чешка, Кипар, Исланд
Од домаќините испадна само Исланд
Од домаќините со најдобар пласман (втора) е Полска


Осминафинални двојки, денеска

Турција – Шведска 11 ч.
Германија – Португалија 14.15 ч.
Литванија – Летонија 17.30 ч.
Србија – Финска 20.45 ч.
Осминафинални двојки, утре
Полска – БиХ 11 ч.
Франција – Грузија 14.45 ч.
Италија – Словенија 17.30 ч.
Грција – Израел 20.45 ч.

Група Ц
Резултати, 5. коло
БиХ – Грузија 84-76
Италија – Кипар 89-54
Шпанија – Грција 86-90
ТАБЕЛА
Грција 5 4 1 9
Италија 5 4 1 9
БиХ 5 3 2 8
Грузија 5 2 3 7
Шпанија 5 2 3 7
Кипар 5 0 5 5

Група Д
Резултати, 5. коло
Франција – Исланд 14-74
Израел – Словенија 96-106
Полска – Белгија 69-70

ТАБЕЛА
Израел 5 4 1 9
Полска 5 3 2 8
Франција 5 3 2 8
Словенија 5 3 2 8
Белгија 5 2 3 7
Исланд 5 2 5 5