Во присуство на највисокото државно и воено раководство, во касарната „Јане Сандански“-Штип, се одржа централната свеченост за воениот празник „18 Август – Денот на Армијата“. На свеченоста беа построени ешалони од сите првопотчинети команди и единици на Генералштабот на Армијата, ешалони составени од новопромовираните офицери и подофицери во Армијата, а беше изложено и вооружување и опрема од Армијата.
На централната свеченост се обратија претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Претседателката Сиљановска-Давкова во своето обраќање истакна дека нашата Армија е столб на мирот и стабилноста, а се наврати и на предизвиците на денешницата потенцирајќи дека живееме во едни од најнестабилните, најнепредвидливите и најнесигурните времиња.
Министерот Мисајловски пред присутните им се заблагодари на сите жени и мажи во униформа, сите вработени во одбраната кои имаат свој придонес во развојот на Армијата која е „организирана, високо професионална, исклучително почитувана.“ Тој порача дека столбовите на кои се гради македонската Армија и одбранбените сили стојат цврсто.
– Македонската одбрана инвестира во развојот, се опремува и модернизира, и многу важно – таа се подмладува и пополнува. Тоа е гарант дека нашата сила и способност да бидеме темел на државата денес, ќе биде реалност и во иднина – заклучи Мисајловски пред државно – воениот врв.
Во своето обраќање началникот на Генералштабот на Армијата наведе дека Армијата отсегкоаш била еден од најважните столбови на државата.
– Армијата, отсекогаш била еден од најважните столбови на државата, таа е симбол на извонредност и професионализам – притоа ја потенцираше довербата што Армијата континуирано ја ужива кај граѓаните.
Генералот истакна дека во минатиот период Армијата напорно работела, а со јасното поставување на приоритетите значително ги подобри борбените функции и борбената готовност.
– Периодот кој следи го посветуваме на постојано зголемување на обученоста, подготвеноста и извежбаноста на сите нивоа на командување и контрола, имплементирајќи ги лекциите од современите војувалишта – рече тој.
На крајот на своето обраќање генералот Лафчиски повика заеднички да се продолжи со градење на Армијата како модерна и доверлива сила, сила на мирот, стабилноста и достоинството.
Во рамките на свеченоста, претседателката Сиљановска-Давкова го одликува Центарот за обука на питомци и офицери со „Орден за воени заслуги“.
Орденот е доделен за извонредни успеси во исполнувањето во основната мисија – организација, подготовка и реализација на обука со питомците и кандидатите за офицери во Армијата, како и за особениот стратешки и долготраен придонес во изградбата и јакнењето на одбранбената способност на Армијата преку вложување во образованието и едукација на питомци и кандидати за офицери, со што се изградени генерации посветени и професионални воени лидери.
На централната свеченост присуствуваа и претседателот на Собранието, Африм Гаши, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министри во Владата, пратеници во Собранието, гости од воено-дипломатскиот кор, поранешни министри за одбрана и началници на Генералштабот, генералите во Армијата, претставници од локалната самоуправа, претставници на организации со кои соработува Армијата, пријатели и роднини на новопроизведените потпоручници и други гости.