Охридско лето
Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер во црквата „Света Софија“ се одржа завршниот концерт од Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика што се одржува под уметничко раководство на македонскиот виолинист Емилио Перцан и азербејџанската пијанистка Тамила Гулиева.
Виртуозното мајсторство над виолината, уметникот и професор Емилио Перцан во текот на изминатите денови во Охрид несебично им го пренесуваше на младите генерации уметници, кои допрва треба да ја градат својата музичка кариера.
– Тоа е и целта на семинарот, затоа и го правиме во изминатите 13 години во Охрид и претходно три години во Хрватска. Секогаш е задоволство што крајниот концерт е овде, во црквата „Света Софија“. Годинава имаме учесници од Македонија, Србија, Словенија, првпат од Австралија, од Перу…, кои се на возраст од 13 до 25 години – вели Перцан.
Семинарот постои од 2009 година. Првите три години се одржува на Истра, Хрватска, а од 2014 година со поддршка на Министерството за култура на Македонија и на градот Охрид продолжува да се одржува во Охрид.
Досега на семинарите учествувале повеќе од 150 ученици и студенти од многу земји во светот. На нив, исто така, редовно учествуваат педагози и изведувачи, и професионални музичари што доаѓаат на усовршување. По завршувањето на ваквата летна музичка школа, традиционално, се организираат и завршни концерти на најуспешните учесници во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
Во рамките на дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“ беа прикажани унгарските филмови „Три илјади изброени парчиња“ и „Без здив“. Кинопроекциите се одржаа во центарот за култура „Григор Прличев“, а се дел од Унгарската вечер на фестивалот.
Филмот „Три илјади изброени парчиња“ е во режија на Адам Шази, сценариото е на Франчиска Фаркаш, Криштоф Хорват и Кристофер Пажик. Играат Кевин Аквах, Агота Бенедек, Давид Шанји. Филмот, кој трае еден час и 36 минути, раскажува за унгарски режисер (белец) што подготвува претстава со пет млади актери, Роми по потекло. Неговата пиеса ги раскажува нивните реални приказни за злоупотреба, зависност од дрога и криминал. Меѓутоа, наместо оваа претстава да ја прикаже реалноста на нивните искуства, таа само ја капитализира нивната болка и ги искористува. Актерите ја напуштаат претставата, дознавајќи дека нивниот „бел“ режисер веќе ја продал претставата на најголемиот берлински театар и дека премиерата се наближува…
Вториот филм „Без здив“ трае 105 минути и е во режија на Каталин Молдовај, кој исто така е и сценарист заедно со Зита Палошчи. Играат: Агнеш Крашнахоркај, Тунде Шкорван и Арон Димени. Во еден мал унгарски град, Ана Бауч (Агнес Краснахоркаи) е посветена и мошне либерална наставничка по литература. Сакана од нејзините студенти поради нејзиниот неортодоксен и креативен пристап, таа на студентите им задава да го обработат филмот „Целосното затемнување“ на Агњешка Холанд од 1995 година, прикажувајќи ја врската меѓу француските поети од 19 век Артур Рембо и Пол Верлен, за да можат подобро да ја разберат поезијата на Рембо…