Од самитот на НАТО во Хаг
Самитот на НАТО во Хаг во 2025 година е во тек. Трошоците за Алијансата од земјите членки се во центарот на вниманието. Од земјите членки се очекува да одобрат значително зголемување на воените буџети, потенцијално издвојувајќи до 5 отсто од БДП. Претседателот на САД, Доналд Трамп, присуствува, а тонот на самитот е обликуван од напорите да се задржи неговата поддршка за НАТО. Присутни се лидери од сите 32 земји членки, како и индопацифичките партнери: Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд. Украинскиот претседател Володимир Зеленски е исто така во Хаг, но тој се среќава со холандски претставници и се обраќа пред холандскиот парламент. Закажана е седница на Советот НАТО-Украина, на која би се нагласила континуираната поддршка за Украина во услови на војна. Самитот вклучува јавен форум на НАТО и форум за одбранбена индустрија, со преноси во живо достапни на официјалната веб-страница на НАТО. Во меѓувреме во Хаг се одржуваат протести, иако тие се строго контролирани од холандските власти
Во Хаг започна дводневен самит на НАТО, каде што акцентот е ставен на воените трошоци на земјите членки, предложени од американскиот претседател Доналд Трамп. Главна тема ќе биде добивање заемна согласност меѓу членките да издвојат 5 отсто од БДП во следните десет години, што е зголемување во споредба со сегашните два процента, но и да се демонстрира единство. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, најави дека плановите за инвестиции во воено-одбранбениот сектор ќе бидат договорени за време на самитот во Хаг, подвлекувајќи дека тоа е најмалку пет проценти од БДП за воени цели. Во Хаг се присутни 45 делегации.
Претседателот на САД ќе изврши притисок на самитот на НАТО за зголемување на трошоците за одбрана
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ќе изврши притисок врз другите земји членки на НАТО да ги зголемат своите трошоци за одбрана на пет проценти од БДП кога ќе оди на самитот на Алијансата, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, пред поаѓањето на американската делегација.
– Една од главните теми на дискусија ќе биде овој праг од пет проценти што нашите сојузници во НАТО треба да го достигнат. Долго време претседателот (Трамп) ги повикуваше нашите сојузници во НАТО да сторат повеќе. Тој ги притискаше да се засилат и да сторат повеќе за време на неговиот прв мандат, а ќе го слушнете претседателот како зборува за тоа за време на следното историско патување во Европа – изјави за јавноста портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.
Исклучок: Шпанија нема да издвојува пет проценти од БДП за одбрана
Шпанскиот премиер Педро Санчез објави дека земјата постигнала договор со НАТО да не учествува во новиот поставен праг од 5 отсто од БДП за воените трошоци до 2035 година.
– Таквото зголемување би било непропорционално и непотребно – изјави шпанскиот премиер Санчез во обраќање на националната телевизија.
Тој нагласи дека Шпанија останува посветена на своите обврски кон НАТО, особено во однос на логистиката, опремата и персоналот, но ќе го задржи одбранбениот буџет на 2,1 отсто од БДП. Според последните податоци на НАТО, Шпанија минатата година била земјата со најмала потрошувачка во Алијансата.
Германија сака да достигне 3,5 проценти од основните воени трошоци
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на јавен форум пред почетокот на самитот објави дека многу од сојузниците ќе ги пропуштат поставените цели.
– Германија сака да достигне 3,5 проценти од основните воени трошоци, не во 2035 година, туку во 2029 година. Минатата недела Шведска објави дека сака да го достигне истиот процент во наредните години, а и Норвешка. Ова се само првите најави, но знаеме дека земји како Полска, Литванија, Латвија, Естонија и Финска веќе го преминаа прагот, а многу други ќе следат. Исто така, знаеме дека Русија го менува својот статус со брзина што е навистина застрашувачка. Мора да бидеме подготвени. Ако не сме, нема да можеме да се одбраниме во следните од три до пет години – порача Руте.
Володимир Зеленски не е поканет на седницата зад затворени врати
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ќе присуствува на состанокот и на официјалната вечера, тој не е поканет на утрешната седница зад затворени врати. Според „Политико“, шансите за уште една конфронтација во стилот на Овалната соба со Трамп на крајот на февруари се намалени. Од агендата што ја објави НАТО се гледа дека и денешниот состанок со Украина се води во формат генерален секретар, ЕУ и Украина, односно не во формален формат на НАТО.
Холандските власти спроведуваат истрага за наводен „чин на саботажа“ непосредно пред самиот
Холандските власти спроведуваат истрага за „основи на сомневање за подготовки на саботажа врз железничката инфраструктура“, откако се појави „прекин во снабдувањето со електрична енергија“, што резултира со „ограничен железнички транспорт до клучниот аеродром во државата“, непосредно пред почетокот на дводневниот самит на лидерите на НАТО во Холандија.
Вршителот на должноста министер за правда, Давид ван Вил, изјави дека надлежните служби „испитуваат дали пожарот во близината на железничките кабли е намерен акт“.
– Може да биде активистичка група. Може да биде друга земја. Може да биде што било – рече в.д. министерот за правда.
Настанатата штета предизвика пречки во железничкиот сообраќај, со прекин на линијата помеѓу аеродромот и главниот град на државата, Амстердам. Д.Ст.
Гордана Силјановска-Давкова ја предводи официјалната македонска делегација на самитот на НАТО
Македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова, ја предводи официјалната македонска делегација на самитот на НАТО, по покана од генералниот секретар на Алијансата. Во делегацијата се вклучени и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски. Покрај учеството на главните настани, Силјановска-Давкова ќе оствари билатерални средби со лидери од други земји членки на НАТО. На тие средби се очекува да се разговара за прашањата од регионалната безбедност, евроинтеграцијата и позицијата на Македонија во рамките на Алијансата.
На првиот ден министерот Муцунски учествуваше на работната вечера во форматот Совет НАТО–Украина, заедно со министрите за надворешни работи на земјите членки, украинскиот министер Андреј Сибиха и високата претставничка на Европската Унија и потпретседателка на Европската комисија, Каја Калас. На вториот ден, по покана од генералниот секретар на НАТО, министерот Муцунски денеска ќе учествува на панел-дискусија за лидерството и улогата на младите во справување со современите безбедносни ризици, како и заложбата за инклузивна и одржлива безбедносна политика.
Вечерва министерот Муцунски, како дел од државната делегација, ќе учествува на состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави и влади, на кој ќе се усвојат одлуки и насоки за дејствувањето на Алијансата во актуелниот безбедносен контекст.
По завршувањето на формалниот дел од самитот, по покана и во организација на Атлантскиот форум, министерот Муцунски ќе учествува на настан посветен на клучните одлуки од самитот во Хаг, со фокус на рамноправната распределба на одговорностите меѓу сојузниците, јакнењето на индустриското производство во одбраната и дигиталните иновации во поддршка на одбранбените капацитети на НАТО.