Илустрација: Нова Македонија
  • Познатиот американски неделен магазин „Њузвик“ неодамна објави мапа на новата светска прераспределба на светот според интересите на големите земји, правејќи паралела со она што се случуваше во 1945 година на Јалта, кога лидерите на САД, СССР и Велика Британија одржаа состанок што ѝ претходеше на поделбата на Европа. Според оваа мапа објавена во „Њузвик“, сферата на влијание на Русија би можела да ја вклучува Европа, како и Кавказ и Турција, САД ќе го прошират своето влијание кон Северна Америка до Панама и Гренланд, а Кина кон Југоисточна Азија
  • Идејата САД да бидат апсолутно ангажирани секој ден на Балканот, според пораката на амбасадорот Хил, ќе биде многу поинаква, а притоа се додава дека Балканот и натаму ќе остане важен за нив. Но од она што го кажува амбасадорот Хил, наши соговорници извлекуваат заклучок дека „САД завршија на досегашниот начин со Балканот“. Од друга страна, тие заклучуваат дека Брисел „лута во концептот за балканските земји“ и дека е катастрофално бавен и нерешителен. Во изјавата дека „САД ќе се потрудат да им кажат на земјите на Балканот да почнат сами да ги решаваат своите проблеми“ се препознава исклучително отстапување од досегашниот модел на САД и конвергенција кон суверенизам и, уште попрецизно, насока за операционализирање на идеологијата на трампизмот на Балканот

Големи геостратешки потреси од досега невидени размери во поновата историја се случуваат на целата планета, а веќе никој нема дилема дека светот, 80 години од крајот на Втората светска војна, повторно се наоѓа пред нова прераспределба на интереси и влијанија.
Ако досега САД беа единствениот светски полицаец што ги наметнуваше своите политики и интереси на глобално ниво, сега веќе тоа не е случај, бидејќи ваквиот повеќедецениски ангажман сериозно ги исцрпе сите можни американски ресурси. Од тие причини Америка се врти кон самата себе, задржувајќи го правото и натаму да учествува во креирањето на светските политики, особено онаму каде што тоа е од нејзин интерес. Разликата е во тоа што Американците сега прифаќаат да го поделат колачот и со другите поголеми сили, првенствено Русија и Кина, во кои гледаат рамноправни партнери за поделба на сферите на интерес, наместо да се обидуваат самите да владеат со светот и да се конфронтираат со сите. Процените на американската политика се дека на тој начин ќе може да се воспостават побалансирани односи како основа за подолготраен мир. Можеби тука треба да се бараат причините зошто одеднаш се разгореа конфликтите на сите светски невралгични точки и зошто сите брзаат што поскоро да се затворат сите кризни жаришта и да не се оставаат замрзнати конфликти во иднина.

„Њузвик“ објави мапа на новите сфери на интереси во светот

Познатиот американски неделен магазин „Њузвик“ неодамна објави мапа на новата светска прераспределба на светот според интересите на големите земји, правејќи паралела со она што се случуваше во 1945 година на Јалта, кога лидерите на САД, СССР и Велика Британија одржаа состанок што ѝ претходеше на поделбата на Европа.
Според оваа мапа објавена во „Њузвик“, сферата на влијание на Русија би можела да ја вклучува Европа, како и Кавказ и Турција, САД ќе го прошират своето влијание кон Северна Америка до Панама и Гренланд, а Кина кон Југоисточна Азија. Јапонија, Индија и Пакистан исто така би можеле да паднат во сферата на влијание на Кина.
Сепак, Централна Азија, Блискиот Исток, Африка, Латинска Америка, Австралија, Нов Зеланд и Монголија не се вклучени во ниту една од овие три области, но магазинот додава дека Централна Азија би можела да биде област на борба за влијание меѓу Русија и Кина.
На почетокот на април лидерот на најголемата фракција во Европскиот парламент, Европската народна партија, Манфред Вебер, изјави дека новиот светски поредок е создаден поради кардинална промена во надворешната политика на САД. Тој додаде дека светот почнал да се дистанцира од Вашингтон поради постапките на американскиот претседател Доналд Трамп и дека бара нови партнери.
Од друга страна, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји изјави дека односите меѓу Пекинг и Москва претставуваат стабилизирачки фактор во еден турбулентен свет.

Хил: САД нема да бидат ангажирани на Балканот со ист интензитет

Кога веќе се говори за новите геостратешки превирања, посебно внимание деновиве во регионот предизвика изјавата на поранешниот американски амбасадор во Македонија и во Србија Кристофер Хил, кој индиректно најави американско „олабавување“ кон Балканот.
– Луѓето се малку уморни од земјите што доаѓаат кај нас или во некоја западноевропска земја и се жалат на своите соседи. А главниот проблем, се разбира, е што во светот се случуваат и други работи. Веќе не живееме во 1990-тите. Живееме во сосема поинаква ера… Мислам, времето кога една балканска земја можеше да дојде кај нас и да се жали на друга балканска земја е завршено – рече Хил.
Според него, идејата САД да бидат апсолутно ангажирани секој ден на Балканот ќе биде многу поинаква, а притоа додава дека Балканот и натаму ќе остане важен за нив.
Од она што го кажува амбасадорот Хил може да се извлече заклучок дека САД завршија со Балканот и дека како утешителна награда ѝ ги предаваат ингеренциите на Европската Унија, откако претходно ја исклучија од сите крупни процеси на светско ниво. ЕУ е исклучена од преговорите за иднината на Украина бидејќи фокусот на САД е насочен таму, а американските напори што поскоро да му се стави крај на руско-украинскиот конфликт се во насока да се обезбеди мирен терен за непречена експлоатација на ретките минерали неопходни за дополнително заживување на колабираната американска економија. Впрочем, новата американска администрација за ова има постигнато согласност и со официјален Кремљ, па затоа отпорот на украинскиот претседател Володимир Зеленски околу договорот за минералите брзо беше скршен.

ЦИА го предвиде американското отстапување од Балканот

Ако внимателно се следат последните американски одлуки значително да го намалат влијанието на Балканот, тие можеби и не треба да се примат со толкаво изненадување имајќи го предвид извештајот на ЦИА и агенцијата Стратфор од пред десетина години, во кој уште тогаш беа предвидени крупни промени во Европа.
– Рака на срце, ЦИА уште пред неколку години предвидуваше дека Европа ќе се најде во голема криза, поради што влегувањето на балканските земји во ЕУ едноставно нема да може да се случи. Поради тоа, уште од тогаш се предвидуваше дека Македонија, заедно со другите балкански земји, Грција, Бугарија, Србија, Романија, ќе се најде во групата на „православни земји“. Во оваа група би припаѓале и Босна и Херцеговина и Албанија.
Проблемите во ЕУ, кои започнаа од 2008 година, создадоа конфронтации во единството на Унијата и Стратфор предвиде дека таа тешко ќе може да го врати некогашното единство, а дури и да преживее, ќе функционира многу поограничено – велат за „Нова Македонија“ високи странски дипломати акредитирани во нашата земја.

Потсетување на некои анализи и проекции за Европа

– Во следната деценија Европа ќе ја дефинира подемот на националните држави, како и движечките сили на континентот. Бројот на национални држави веројатно ќе се зголеми во сецесионистичките движења или со распадот на земјите – истакнува агенцијата Стратфор во својата проекција за иднината на Европа до 2025 година.
Деценија стари предвидувања, според кои внатрешноста на Европа ќе биде непредвидлива и нестабилна, веќе станаа реалност, а последиците ќе бидат такви што зоната за слободна трговија нема да може да функционира без поголема заштита. Поради тоа, особено големи последици, според овие предвидувања, ќе претрпи Германија, додека Полска ќе ја зголеми регионалната моќ. Се истакнува и дека кон крајот на деценијата Турција ќе се подигне на ниво на значајна регионална сила.
Економското опаѓање на Европа е последица и на стареењето на Стариот Континент, што, како што предвидува ЦИА, не влијае само на губењето моќ на ЕУ како „светски играч“ туку и на судбината на НАТО и воопшто на старите воени сојузи.
ЦИА уште тогаш предвиде дека американските односи со Европа ќе станат „драматично поинакви“, на што, очигледно, веќе сме сведоци.
Тоа, како што се предвидува во извештајот, ќе има за последица отстапување од институциите воспоставени уште од Втората светска војна. НАТО би можел да ослабне и да биде променет со поинаква европска архитектура во областа на одбраната, а повиците за формирање европски безбедносни сили и одлуката за издвојување 850 милијарди евра за европска одбрана веќе јасно говорат дека Европа повеќе не може да смета на САД.

Дали евентуалното американско отстапување од Балканот би сменило нешто за Македонија?

Гледано од геостратешки аспект, евентуалното повлекување на САД од Балканот и препуштањето на теренот на ЕУ, за Македонија нема да промени ништо значајно, имајќи го предвид фактот дека Европа подолго од три децении поддржува политики кон земјава што се спротивни на сите европски принципи и на меѓународното право.
Според аналитичарите, за Македонија нема да се смени ништо суштинско во веќе поставениот курс на земјава. Таа има стратегиски договор со САД. Но пораката на Хил може да се толкува и дека некои од државите се созреани, вклучувајќи ја и Македонија, за сами да се борат да бидат вклучена во процесите преку кои најдобро ќе може да ги одбранат сопствените интереси, бранејќи го својот повеќеслоен суверенитет.
– Македонија веќе има потпишано договори за стратешко партнерство со САД и со Турција, а неодамна потпиша слични договори и со Велика Британија и со Унгарија. Тоа нема ништо да значи ако самите не покажеме проактивност тоа партнерство да живее и да се надградува. САД нѐ мотивираа да ја засилиме борбата со корупцијата, така што нема зошто да не учиме и од британските искуства, кои се исклучително полезни во оваа област. Ќе ни помагаат во изградба на инфраструктурата, американски и турски компании веќе градат тука, наскоро ќе градат и британски, а нашите компании активно учествуваат во сите проекти и, што е уште поважно, учат за новите технологии, кои утре и самите ќе можат да ги применуваат, на пример во обновата на една Украина да речеме. Со други зборови, само на тој начин, преку склучување билатерални договори со други земји, може да се бориме за нашите интереси и да ја развиваме земјата. Тоа е нашата шанса некако да пливаме во овие крупни светски процеси, во кои самите сме едноставно невидливи – посочуваат аналитичарите.
Според нив, не би требало да се очекува дестабилизација на регионот со евентуалното отстапување на Американците од Балканот како приоритет.
– Има некои кризни точки, пред сѐ Косово и БиХ, но мислам дека САД ќе го затворат ова за кратко време и Балканот целосно ќе ѝ го препуштат на ЕУ. Од друга страна, Европа ако сака да се факторизира, ќе ги прими сите земји одеднаш и ќе почне да работи на внатрешната кохезија, оти во спротивно и Европа ќе се раздели на неколку сојузи врз кои големите сили повторно ќе го наметнат сопственото влијание – констатираат познавачите на геостратешките случувања.