Фото: „Нова Македонија“

Во пресрет на клупското Светско првенство во САД од 14 јуни, прво со учество на 32 клуба од целиот свет, во неколку продолженија го претставуваме натпреварувањето, кое почна како двомеч на шампиони на два континента, а прерасна во едномесечен глобален турнир

ФУДБАЛ – КЛУПСКИ НАТПРЕВАРИ ЗА СВЕТСКАТА ТИТУЛА (4)

Вкупно 31 клуб станаа светски шампиони (Европа има 38 победи, Јужна Америка 26). Во првите децении на натпреварувањето шест пати се случи европскиот првак да не учествува и на негово место да настапи вицешампионот на Европа и само Атлетико Мадрид го искористи учеството и стана планетарен шампион

Мечевите за светската фудбалска титула, репрезентативна и клупска, еволуираа низ годините, двете почнаа на ист знаменит стадион, а и двете натпреварувања годинава и в година ќе ја имаат новата трансформација. Во пресрет на клупското Светско првенство (СП) што ќе се игра во САД, од недела, прво на кое ќе учествуваат 32 клуба од сите континенти, во неколку продолженија го претставуваме натпреварувањето, кое почна како двомеч на шампиони на два континента, а прерасна во едномесечен глобален турнир со 32 клуба.

На натпреварите за планетарната титула, од 1960 година до лани, трофејот го освојуваа само екипи од Европа и од Јужна Америка. Вкупно 31 клуб ја освоија титулата светски шампион, а клубовите од Европа забележаа 38 победи, а од Јужна Америка 26. Од земјите, најмногу титули освоија тимови од Шпанија, вкупно 13, а потоа се Бразил со 10 триумфи, Аргентина и Италија со по девет…

Во првите децении на Интерконтиненталниот куп, кој се играше до 2004 година (потоа почна да се игра како клупско Светско првенство), шест пати се случи европскиот првак да не учествува и на негово место да настапи вицешампионот на Европа (во 1971, 1973, 1974, 1977, 1979 и во 1993 година). Така, од тие шест ситуации само Атлетико Мадрид го искористи учеството во натпревари за светската титула и во 1974 година стана планетарен шампион. Од разни причини натпревари за светската титула не се одиграа во 1975 и во 1978 година.