На сцената на Националната опера и балет беа изведени легендарни дела што ја отелотворуваат химната на несебичноста на народите, на единството и заедничката победа над злото

Свечен концерт по повод 80-годишнината од Големата победа

Композиции со голем емоционален набој, познати руски песни со силна емотивна енергија, кои своевремено станаа симбол на едно минато време, и импозантни изведувачи беа дел од свечениот концерт организиран од Амбасадата на Русија по повод 80-годишнината од Големата победа, кој се одржа во Националната опера и балет.
Слушнавме песни со љубов кон татковината, гордост за хероите и силна желба за светла иднина, песни полни со носталгија, љубов и надеж. Изведувачите во рамките на два часа ја освоија публиката со песни со длабока смисла, кои не раскажуваат само приказни туку нѐ тераат да се замислиме, да се потсетиме, да почувствуваме… Песни што се вистинска хроника на Големата победа.
Дел од гостите на настанот беа амбасадорот на Турција Фатих Улусој, военото аташе на Кина Џзу Нин, на чело на репрезентативната делегација на Амбасадата на НР Кина, почесниот конзул на Русија во Охрид Велимир Стојковски, колеги од дипломатскиот кор, делегацијата на компанијата „Лукоил Македонија“, предводена од регионалниот управител Андреј Куку, голем број руски сонародници, јавни и културни дејци, академици и научници, претставници на медиуми и заинтересирани македонски граѓани.
Амбасадорот на Русија, Сергеј Баздникин, им се обрати на присутните со говор во кој особено им се заблагодари на публиката, која исто така учествуваше и на други настани во чест на 80-годишнината од Големата победа, и на изведувачите, се потсети на бесмртниот подвиг на советските граѓани, на македонските партизани, на сите оние што го уништија нацизмот и раскажа за значењето на музичките дела во програмата на концертот.

– Вашето учество јасно потврдува дека сеќавањето на големиот подвиг на советскиот народ, на храброста на македонските партизани е живо. Во исто време, ова е потврда на нашата заедничка решеност да ја чуваме вистината за настаните од тие години, да им оддаваме почит на оние што ги дадоа своите животи за слободата и да ја пренесуваме оваа меморија на идните генерации како непроценливо духовно наследство – истакна амбасадорот на Русија, Сергеј Баздникин.
Концертот почна со Мандолинскиот оркестар, под водство на маестро Ерхан Шукри, следуваа уметничките од Филхармонијата Ана Кондратенко и Викторија Митеска-Малезан, музичкиот дует на Ана и Александар Коловски, пејачката Викторија Лоба и ансамблот „Славјанка“.
– За нас, ова е ден исполнет со безгранична љубов кон татковината. Ова е празник на светло сеќавање и радост, кога срцата се исполнети со гордост за нашите предци и благодарност за мирното небо над нашите глави. Концертот не е само културен настан туку и длабок гест на сеќавање и благодарност, исполнет со посебно значење – тој е посветен на големиот подвиг, кој е засекогаш впишан во историјата на човештвото. Музиката што звучи денес е жив мост помеѓу минатото и сегашноста, гласот на сеќавањето што допира душа. Се поклонуваме во спомен на паднатите советски граѓани што ги дадоа своите животи за слободата, за правдата, за иднината – подвлече амбасадорот на Русија.
Уметност, а особено музика, отсекогаш играла исклучителна улога во судбината на народите. И во најтешките времиња, културата помага да се зачува духот, дава вера и надеж.

На сцената на МОБ беа изведени навистина легендарни дела, кои ја отелотворуваат химната на несебичноста на нашите народи, на единството и заедничката победа над злото. Меѓу нив се „Подмосковските вечери“, исполнети со нежно чувство на носталгија, трогателната „Жерави“, разиграната и весела „Калинка“, познатата „Катјуша“, која е олицетворение на љубов и верност за време на воените години. Песните „Како ме испрати мајка ми…“, „Црвената армија е најсилна од сите“, „Темна ноќ“ ги инспирираа хероите за подвизи.
– Последниот акорд на концертот е песна што е особено значајна за народот на Русија – „Денот на победата“. Таа ги отелотворува народната гордост и вечното сеќавање што живее во секого од нас. Таа е вистински израз на целата болка, радост и величина на победата, чие значење е невозможно да се прецени. Нејзините стихови допираат до длабочините на душата, а изразот „празник со солзи во очите“ стана симбол што длабоко го одразува значењето на Денот на победата за милиони луѓе – изјави Сергеј Баздникин.
Нејзината изведба беше кулминација на концертот, изразувајќи длабока почит и благодарност кон хероите што ги дадоа своите животи за слободата.
– Денот на победата нѐ инспирира да ја чуваме историската вистина, да ги зајакнеме меѓусебното разбирање и пријателството меѓу братските руски и македонски народи. Сите овие дела се жива историја. Тие се гласот на народот што ја преживеа војната и му ја даде на светот Големата победа – истакна амбасадорот.