ДЕНЕСКА ВО ТУРЦИЈА ЗАПОЧНУВА НОВА РУНДА ПРЕГОВОРИ ЗА РЕШАВАЊЕ НА УКРАИНСКАТА КРИЗА

Денеска во Истанбул треба да се одржат директни преговори меѓу Русија и Украина, со посредство на САД. Ова ќе биде прва официјална средба меѓу двете завојувани страни по април 2022 година, а доаѓа по предлог на рускиот претседател Владимир Путин. Како што е најавено, американската делегација ќе ја предводи државниот секретар на САД, Марко Рубио, руската делегација ќе ја преводи министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, а украинската претседателот Володимир Зеленски.
Според некои неофицијални најави, во Истанбул би можел да се појави и американскиот претседател Доналд Трамп, кој е во посета на Блискиот Исток. Р.С.


Трамп во тридневна посета на земјите од Блискиот Исток

Американскиот претседател Доналд Трамп е во посета на земјите од Блискиот Исток, при што завчера ја посети Саудиска Арабија, вчера Катар, а денеска е во Обединетите Арапски Емирати.
На првиот ден од посетата Трамп обезбеди инвестициски обврски во вредност од 600 милијарди долари за време на самитот во Саудиска Арабија, соопшти Белата куќа. Вкупниот износ се совпаѓа со претходното ветување на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман за зголемена трговија и инвестиции со САД во текот на следните четири години. Сепак, Трамп рече дека би сакал Саудијците да го зголемат тој износ на 1 трилион долари.
Засега е отворено прашањето дали по посетата на земјите од Заливот, Трамп ќе се префрли на зелената маса во Истанбул, на преговорите за војната во Украина, кои се закажани за денеска.