Фото: Маја Јаневска-Илиева

Комисијата за прашања на изборите и именувањата на денешната седница ја утврди предлог – листата за членови на Програмскиот совет на Македонската радио телевезија (МРТ).

Од вкупно 24 кандидати кои ги исполниле условите, членовите на Комисијата предложија 13 и тоа: Томислав Кежаровски, Миле Гроздановски, Марјан Велевски, Лазо Трпков, Билјана Бабиќ, Владимир Палашевски, Давор Пашовски, Ивана Ефремовски, Бурим Рамадани, Патрит Љумани, Мусбадин Ќамили, Беким Љачи и Маја Седрак. Предлог – листата е усвоена со девет гласови „за“ и еден воздржан.

Пратеникот од ВЛЕН, Ријад Шаќири предложи пет кандидати за членови на Програмскиот совет од албанската заедница, но од предложените не помина Ведат Мемедалиу, кој не ги исполнувал условите, а потоа пратеникот Миле Лефков од ВМРО ДПМНЕ ја предложи Маја Седрак. По предлогот на Шаќири претседателот на Комисијата, Ѓоргија Сајковски даде пауза од 30 минути за услогласување на ставовите.

Комисијата ќе му предложи на Собранието да ги именува Андреј Јосифовски, Душан Бекриќ, Слободанка Галевска, Павлинче Честојнова и Фадор Шабани за членови на Комисијата за Агенцијата за пошти.

Во рамките на своите надлежности Комисијата предложи избор на претседател и член на Државната комисија за жалби по јавна набавка. Предлогот на пратеникот Ријад Шаќири, кој за претседател го предложи Бујар Сулејмани и за член Авди Емини, беше прифатен од членовите на Комисијата.