Македонскиот претставник Еурофарм Пелистер утре ќе се сретне со Киелце, а победникот в петок ќе настапи во финалето за пласман на фајналфор-турнирот на новото натпреварување на ЕХФ во Келн, каде што во исто време ќе се играат и мечевите за трофеј во сениорската ЛШ. Младински натпреварувања за европски клупски првак има и, на пример, во кошарката од 2002 година и во фудбалот од 2013 година

РАКОМЕТ

Со вчерашните натпревари Загреб (Хрватска) – Сегед (Унгарија) и Веспрем (Унгарија) – Војводина (Србија) во Веспрем почна првото издание на „Младинскиот клупски трофеј“ на Европската ракометна федерација (ЕХФ), во која македонски претставник ќе биде Еурофарм Пелистер, кој од утре ќе игра на турнирот во Романија.
Идните ракометни ѕвезди тргнуваат на сопствениот „пат до Келн“ неделава за инаугуративното издание на натпреварувањето за млади, чија групна фаза ќе се игра на четири турнири во Унгарија, Шпанија, Германија и во Романија.
Четирите победници на овие турнири за тимови со ракометари до 18 години ќе се пласираат на финалниот турнир, кој ќе се одржи во Келн, во викендот кога ќе се игра фајналфор-турнирот на сениорската Лига на шампионите (ЛШ), на 14 и 15 јуни, а финалето за трофејот за најдобар младински клуб ќе се игра непосредно пред дуелот за трето место на сениорските тимови, пишува ЕХФ.
Младинските тимови на 13 клуба учесници во сениорската Лига на шампионите и три во Европската лига сезонава се вклучени во првото издание на ова континентално младинско клупско натпреварување, а 16-те екипи се поделени во четири групи, во кои ќе се играат две полуфиналиња, натпревар за третото место и финале.
На турнирот во Веспрем финалето на програмата е денеска од 18 часот. Во Барселона денеска играат ПСЖ (Франција) – Спортинг (Португалија) и Барселона (Шпанија) – Нант (Франција). На турнирот во Берлин утре се средбите Фуксе Берлин (Германија) – Севехоф (Шведска) и ГОГ (Данска) – Магдебург (Германија), а финалето е задутре. Во Букурешт, исто така утре, се дуелите Киелце (Полска) – Еурофарм Пелистер (Македонија) од 15.30 часот и Динамо (Романија) – Висла (Полска) од 18 часот, а финалето и дуелот за третото место се в петок.
Младински натпреварувања за европски клупски првак има и, на пример, во кошарката и во фудбалот. Во кошарката тоа натпреварување се игра од 2002 година, за кошаркари до 18 години, најмногу титули освои Реал Мадрид, пет, ЦСКА Москва има три, по две освоија Жалгирис, ФМП, ИНСЕП и Ритас, а по една Загреб, Хувентуд, Црвена звезда, Барселона и Мега баскет. Клубови со фудбалери до 19 години се натпреваруваат за континенталната титула од 2013 година, најуспешни се Челси и Барселона со по два трофеја, а по еден освоија Салцбург, Порто, Реал Мадрид, Бенфика, АЗ и Олимпијакос. Н.М.


„МЛАДИНСКИ КЛУПСКИ ТРОФЕЈ“ НА ЕХФ, ПОЛУФИНАЛЕ

Турнир во Веспрем: Загреб – Сегед, Веспрем – Војводина
Турнир во Барселона: ПСЖ – Спортинг, Барселона – Нант
Турнир во Берлин: Фуксе Берлин – Севехоф, ГОГ – Магдебург
Турнир во Букурешт: Киелце – Еурофарм Пелистер, Динамо – Висла
во финалето ќе играат победниците на полуфиналињата, а првопласираните на четирите турнира ќе настапат на фајналфорот во Келн

НЕКОИ ЕВРОПСКИ МЛАДИНСКИ КЛУПСКИ КУПОВИ
СПОРТ ПРВ ТУРНИР ИГРАЧИ
кошарка 2002 г. до 18 г.
фудбал 2013 г. до 19 г.
ракомет 2025 г. до 18 г.