ООУ „Л. Трповски“ за последен пат учествуваше на литературен натпревар
во Јапонија

ООУ „Лазо Трповски“ 14 години успешно учествуваше на Меѓународниот литературен натпревар за млади во Токио, Јапонија (2011-2024), во организација на УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио. Училиштето гордо ја претставуваше Македонија во главниот град на Јапонија, како дел од овој глобален проект во кој активно беа вклучени сите земји членки на УНЕСКО.
Покровител на натпреварот е министерот за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија.
ООУ „Лазо Трповски“ оваа учебна година последен пат учествува и со тоа го заокружува успешниот циклус на учества на овој литературен натпревар, на кој досега има освоено три награди, во 2015, 2016, 2021 и во 2023 година.
Натпреварот се одржува во рамките на одбележувањето на „Деценијата на Обединетите нации за одржлив развој на образованието“. Овој глобален проект се реализира од 2020 до 2030 година и во него активно се вклучени сите земји членки на УНЕСКО.
На овој реномиран натпревар годинава учествуваа вкупно 15.744 учесници од 152 земји, со свои лични творби напишани во форма на есеј на темата „Улогата на младите во справувањето со конфликт“. Нашето училиште го претставуваа тројца ученици: Ана Антовска, Ѕвездан Михајловски и Анѓела Станојевиќ, под менторство на предметниот наставник по германски јазик Стефан Симовски.
Голема благодарност до сите сегашни и поранешни ученици, кои достојно го претставуваа училиштето и ја афирмираа Македонија во светски рамки. Голема благодарност и до сите надворешни лица од кои најголем дел самоиницијативно и ентузијастички им дадоа поддршка на учесниците од ООУ „Лазо Трповски“. Само како мало потсетување, меѓу нив беа писателите за деца и млади Бистрица Миркуловска и Саво Костадиновски, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, почесниот конзул на Јапонија во Македонија, Казу Лешниковска, и Амбасадата на кралството Јапонија во Македонија.
Учесниците од ООУ „Лазо Трповски“ на овој реномиран натпревар во неговото досегашно постоење имаа ретка можност да творат заедно со врсници од 192 земји од целиот свет.
Организаторите на натпреварот решија со прославата на дваесет и петгодишниот јубилеј повеќе да не го организираат натпреварот и да објават јубилејна монографија во која ретроспективно и хронолошки ги објавија сите теми, сите наградени учесници од целиот свет и сите земји учеснички.
Најдоа одличен повод да завршат една успешна приказна.
Повеќе информации во врска со натпреварот може да најдете на веб-страната на организаторите: www.goipeace.or.jp

Стефан Симовски, предметен наставник по германски јазик