Во здраво тело здрав дух
Матеа Мисеска од Прилеп има десет години, учи во четврто одделение во ОУ „Блаже Конески“ и е одлична ученичка. Ги сака природните науки, но внимание ѝ предизвикува и историјата. Она што ја прави особено горда е што веќе реди успеси на натпревари по карате. Неодамна во Скопје на интернационален натпревар освои златен медал во кати во женска конкуренција, во категоријата родени во 2015 година. Дополнително се закити и со сребрен медал во женска конкуренција на повисоко ниво.
Ова е прв златен медал што го освои Матеа и таа е многу среќна.
– Многу се израдував за освоените медали. Тие ќе бидат поттик за мое натамошно усовршување на каратето како спорт. Еден ден сакам да станам карате-шампионка – вели таа.
Година и пол тренира во карате-клубот Феникс во Прилеп. Матеа ни откри дека напорно вежба, посветено и со задоволството, заедно со своите другарки со кои постигнуваат извонредни резултати.
– Каратето го избра заради дружење, стекнување самодоверба и дисциплина. Вежба трипати во неделата по еден час во клубот и секојдневно дома – велат родителите на ова упорно девојче.
Тие изразуваат и благодарност до тренерите во клубот, кои посветено работат со децата.
Ка.М.