Укажување на претседателот на германската централна банка
Тарифите за стоки што се увезуваат во САД би можеле да ја воведат најголемата европска економија во нова рецесија, според претседателот на германската централна банка.
– Германската економија регистрира намалување во последните две години и со царините, земјата „би можела да очекува рецесија и оваа година“ – изјави Јоаким Нагел, шеф на Дојче бундесбанк, во ексклузивно интервју за Светскиот сервис на Би-би-си.
Без царини, банката предвидува дека германската економија ќе стагнира, но сепак ќе расте, за околу 0,2 отсто, додаде тој.
Тој рече дека „има само губитници“ при наметнување тарифи и ги поддржа одмаздничките мерки на ЕУ против тарифите на американскиот претседател Доналд Трамп од 25 отсто за целиот увоз на челик од странство.
Тарифите се централен дел од целокупната економска визија на Трамп – тој се надева дека тие ќе го поттикнат производството во САД и ќе ги заштитат работните места, но критичарите велат дека во блиска иднина тие ќе ги зголемат цените за американските потрошувачи.
Како одговор на потегот на Трамп, ЕУ возврати со увозни даноци за низа американски производи, кои треба да стапат во сила на 1 април.
Нагел ја нарече тарифната политика на Трамп „економија од минатото“ и „дефинитивно не е добра идеја“.
Глобалната трговска војна е една од грижите од тарифите и одмаздничките тарифи, рече тој, но додаде дека е „нужност“ ЕУ да реагира „бидејќи ако нешто работи против вас, не можете да прифатите ваква политика“.
Сепак, тој посочи дека кога САД ќе сфатат дека цената што треба да се плати ќе биде „највисока на страната на Американците“, тоа ќе им овозможи дополнителна можност на сите страни да дојдат до поинаква резолуција.
– Се надевам дека на крајот добрата политика ќе успее – рече тој.
Германската извозна економија беше една од нејзините силни страни во изминатите децении, а нејзините автомобили како што се БМВ, „мерцедес“, „фолксваген“ и „ауди“ се популарни во САД.
Нагел ги отфрли тврдењата дека Германија е „болниот човек на Европа“, велејќи дека има „силна економска основа“ и „силни мали и средни компании“.
– Но, сепак, кога сте изложени на извозно ориентиран модел, тогаш сте повеќе изложени во ситуација кога тарифите растат и има толку многу неизвесности, толку многу непознати – додаде тој.
Тој рече дека Германија може да ги надмине ваквите предизвици „во текот на следните неколку години“.
Сепак, германските потрошувачи ќе се соочат со повисоки цени.
Шефот на германската федерација за трговија на големо, надворешна трговија и услуги БГА, Дирк Џандура, во средата предупреди дека Германците можеби ќе треба да копаат подлабоко во своите џебови за да платат за американски производи, како што се сок од портокал, бурбон и путер од кикиритки, во супермаркетите.
„Тектонски промени“
Коментирајќи ги неодамнешните невидени промени во економската политика на Германија, кои беа изменети и ѝ овозможуваат на земјата да позајмува повеќе за да троши за одбраната и инфраструктурата, тој истакна дека тоа е „вонредна мерка“ за „вонредно време“.
– Целиот свет се соочува со тектонски промени што ја прави сегашната ситуација многу поразлична од онаа видена во минатото, па оттука и фискалната промена – рече тој.
Тој додаде дека промената на политиката ќе ѝ овозможи на Германија одреден финансиски простор за закрепнување во следните неколку години, додавајќи дека обезбедува „сигнал за стабилност на пазарот“.