Водата до оваа чешма се транспортирала со цевки од керамика, од делот на градот каде што денес се наоѓа населбата Девејана. Чешмата и денес им служи на локалните жители

И најстарите жители на Кичево добро се сеќаваат на чешмата лоцирана во северниот дел на градот во близината на главната улица, кај нагорнината што води кон населба Бела Кула. Ако запрашате кој било човек од населбата, па и од градот, ќе добиете прецизен одговор која е најстарата чешма во градот. Оваа чешма била една од ретките во тоа време и, како што велат жителите од блиската населба, порано се чекале редови за да се наполни вода за пиење, сѐ до пуштањето на градскиот водовод во 1960-тите години.
– Посебно место во овој дел на Кичево има чешмата изградена пред повеќе од два века во населба Бела Кула. Бидејќи во тоа време населбата не располагала со водовод, главниот снабдувач со вода за пиење и за готвење била токму оваа чешма, која и во периодите на големи суши не пресушувала и, како што велат нејзините корисници, водата од оваа чешма секогаш била исправна за пиење. Бидејќи во тоа време градот немал сопствен водовод, за да наполнат вода крај оваа чешма се собирале редици локални жители, кои трпеливо чекале да дојдат на ред за да наполнат вода за пиење и за други потреби – вели Мухамед Алоски.
Тој посочи дека и најстарите генерации од нивната населба добро ја паметат оваа чешма, што значи дека таа навистина е многу стара.
Демо Мамудоски, еден од најстарите жители на градот (95години), потсетува дека водата до оваа чешма се транспортирала со цевки од керамика, од делот на градот каде што денес се наоѓа населбата Девејана и денес оваа чешма е секогаш со здрава вода е функционална и им служи на локалните жители.
– Нема човек од нашата населба, па и пошироко, кој нема да ви каже убави зборови за чешмата во Бела Кула. Според сите согледувања, чешмата потекнува од турско време, бидејќи официјални податоци нема, а на таблата од чешмата пишува дека таа е изградена пред повеќе од два века. Со вода се снабдувала преку цевковод долг над 1,5 километар од денешната населба Девејана, каде што имало непресушни извори, кои биле идеална можност населбата континуирано да се снабдува со квалитетна вода за пиење. Иако денес нашата населба и градот Кичево имаат современ водовод, сепак некои од месните жители и ден-денес жедта ја гасат од оваа чешма, која е надалеку позната – истакна Мамудоски.
Инаку, на оваа чешма вода истекува од три дулци и никогаш не пресушила.

З.А.