Одблесоци од вонредниот состанок на Советот на ЕУ во Брисел, во врска со Украина
Соочени со Доналд Трамп од една страна и Владимир Путин од друга страна, Европејците на вонредниот состанок на Советот на ЕУ во Брисел по секоја цена примарно сакаа да донесат „заедничка одлука за европската безбедност“ и да покажат дека „Брисел се консолидира“…
Втората работа, пак, кон која се стремеа бриселските елити беше, доколку можат, консолидирањето на ЕУ да оди „без раскинување на односите со САД“
Во првиот дел на предизвикот, Европејците најдоа соломонско решение: ќе одлучат без принципот на консензус… Аналитичарите веќе го квалификуваат овој потег како „контрадикторен“, „надвор од процедурите“, „кога станува збор за Брисел, сѐ е можно“, но и како „дволична и лицемерна политика“ бидејќи „консензуалните одлуки беа аксиома на ЕУ, а поради нив настрада Македонија“…
На вонредниот состанок на Советот на ЕУ, одржан во четвртокот, „дваесет и седумте го усвоија (но без консензус, н.з.) планот за повторно вооружување на Европа, во кој се предвидени 800 милијарди евра поддршка за Украина“!
Но аналитичарите издвојуваат дека „на вонредниот состанок на Советот на ЕУ е изразено и отворено несогласување од одредени европски лидери што идеолошки се разликуваат по суштински прашања за ЕУ од сегашната европска либерална елита“!
– Унгарија и Словачка се најкритичните земји во однос на воената поддршка на ЕУ за Украина и најмногу се залагаа за отворање дијалог со Русија за ставање крај на војната. На пример, во текот на неделава словачкиот премиер Роберт Фицо рече дека пристапот на ЕУ „мир преку сила“ е всушност „нереален“. Унгарскиот премиер Виктор Орбан пак, во писмо до претседателот на Европскиот совет (ЕС), Антонио Коста, побара Украина да не се споменува во писмените заклучоци по самитот – известуваат наши соговорници што внимателно ги следат овие настани.
Стратегиска поделба меѓу поголемиот дел од Европа и САД
Орбан, кој постојано се обидуваше да ѝ даде поинаква форма и облик на помошта за Украина, изјави дека сега има „стратегиска поделба… меѓу поголемиот дел од Европа и САД“.
– Едната страна инсистира на продолжување на војната во Украина, додека другата бара крај на конфликтот – рече премиерот на Унгарија.
Сепак, треба да се подвлече дека на овој вонреден самит на Европскиот совет (ЕС) во Брисел, Орбан остави отворена врата за „поголема веројатност за соработка“ со другите лидери за прашањата на заедничката безбедност и одбрана.
Натаму, и италијанската премиерка изрази скептицизам, иако Италија гласаше за поддршка на Планот за поддршка на Украина. Премиерката Џорџа Мелони е меѓу поскептичните лидери.
– Сè уште сум збунета од идејата за употреба на европски трупи. Ова го гледам како решение што ризикува да се покаже многу комплицирано и веројатно помалку одлучувачко од другите – изјави таа за јавноста деновиве, нагласувајќи дека „распоредувањето на италијанските трупи никогаш не било на маса во оваа фаза“.
Според нејзиното мислење, најдобрата опција да ѝ се понудат безбедносни гаранции на Украина е некако да се вклучи членот 5 на НАТО за колективна одбрана, кој ги обврзува членките на Алијансата да се заштитат меѓусебно во случај на напад.
Критика кон Париз и Брисел поради лиферување на ставот во јавноста дека „Русија ѝ се заканува на Европа“
Москва не сака да продолжи војната во Украина, ниту некој друг воен судир
Руски официјални лица и пратеници отворено го критикуваа францускиот претседател Емануел Макрон поради неговата изјава дека „Русија ѝ се заканува на Европа“. Москва предупреди дека „таквите изјави може да го доближат Западот до нова светска војна“.
– Таквата погрешна пресметка води до фатални грешки – рече Константин Косачев, влијателен руски пратеник, додавајќи дека „Макрон манијакално им наметнува на своите граѓани, сојузници и на целиот свет еден сосема погрешен концепт за тоа што се случува – ’Русите доаѓаат!’“ (?!)
Руските власти велат дека жестоката реторика од Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и од другите европски сили во изминатите неколку дена едноставно не е поткрепена со силна воена моќ. Сергеј Марков, поранешен советник во Кремљ, рече дека Макрон ја клевети Русија со лаги и воена пропаганда.
Од Москва постојано ги отфрлаат тврдењата на Западот дека „Русија еден ден би можела да нападне членка на НАТО, што би се сметало за напад на сите 32 членки на Алијансата според повелбата на Алијансата“.
Пратеникот Косачев изјави дека „Макрон се оддалечува од наследството на поранешниот претседател Шарл де Гол“.
Некои клучни становишта искажани на вонредниот состанок на Советот на ЕУ во Брисел
Планот „Превооружување на Европа“
Во Брисел Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија (ЕК), го претстави својот план – наречен „Превооружување на Европа“ – за поддршка на европските воени напори во пресрет на самитот, најавувајќи плик од 800 милијарди евра, кои, во реалноста, главно почиваат на рамената на земјите членки. Извршната власт на заедницата има намера да позајми 150 милијарди во оваа фаза евра, кои потоа ќе им бидат позајмени на земјите членки што сакаат да инвестираат во нивната одбрана, особено преку заеднички набавки.
Во четвртокот Европејците ги потврдија овие предлози. Тие, исто така, усвоија првична листа од десетина области – системи за противвоздушна одбрана, артилерија, ракети, беспилотни летала, воена мобилност итн. – каде што треба да инвестираат како приоритет за зајакнување на нивниот арсенал. Напредокот, кој беше тешко да се замисли пред шест месеци, пред Доналд Трамп да се врати во Белата куќа, кога дваесет и седумте сè уште се надеваа дека ќе имаат корист на неодредено време од заштитата на нивниот американски сојузник.
Ова зајакнување на европските безбедносни капацитети мора да им служи и на украинските воени напори. Урсула фон дер Лајен сака „дел“ од сумите што би можеле да им се позајмат на земјите членки да се користат за купување оружје што ќе биде префрлено во Киев. Бидејќи американската воена поддршка е суспендирана, европските лидери ветија дека ќе ја продолжат својата поддршка за Киев додека руските сили напредуваат во источна Украина. Сепак, без да може да се објават нови износи, кои најверојатно ќе се додадат на приближно 30 милијарди евра помош од заедницата што е веќе посветена, во различни форми, за 2025 година.
Започнаа „големите маневри“
Додека главните маневри започнаа, Емануел Макрон ја истуркува својата предност, желен да ѝ даде суштина на „стратегиската автономија“ што тој долго време ја бараше за Стариот Континент. Шефот на државата во Брисел го поздрави „длабокото стратегиско будење“. „Неколку (негови) колеги“ дојдоа да го видат во текот на денот, како што објасни тој, за да разговараат за неговиот предлог да се стави француското нуклеарно одвраќање во служба на заштита на Европа, во име на „виталните интереси“ на Франција. Некои земји, како Литванија, Полска и Данска, ја сметаа идејата за „многу интересна“ и рекоа дека „вреди да се проучува“, додека други, како Чешка, дебатата ја сметаа за „предвремена“.
За време на седницата, Макрон инсистираше пред сѐ на проширување на дискусиите на дваесет и седумте за финансирање на одбранбените напори. Предлогот на комисијата, како што рече тој, „е само прв чекор“. Пред да додаде: „Јас сум за заеднички заем“.
Денес многу земји членки, дури и меѓу најштедливите и атлантисти, како Данска и Финска, го поддржуваат овој пат.
– Превооружете ја Европа, трошете, трошете, трошете за одбрана и одвраќање, тоа е најважната порака – инсистираше данската премиерка Мете Фредериксен.
Дури и Фридрих Мерц повеќе не ја исклучува можноста Германија повторно да се задолжи со своите партнери, како што направи во 2020 година за да се справи со пустошот на ковид-19.
Затоа, дваесет и седумте побараа од комисијата да даде нови предлози со цел да се зголеми европската ударна сила во однос на трошоците. Таа ќе треба да одговори со презентирање бела книга на оваа тема на 19 март.
– Нема табуа. Сѐ е на маса – увери Антонио Коста.
Трансатлантската врска останува
И покрај сѐ, „стратегиската автономија“ останува тешко продавана во земјите на линијата на фронтот, убедени дека мора да се направи повеќе, но желни да не раскинат со САД, гарант за нивната безбедност од крајот на Студената војна и нивното членство во НАТО. Никој од нив не сака да ја пресече папочната врвца што сè уште ги спојува со Американците, иако ја доведуваат во прашање веродостојноста на нивниот трансатлантски сојузник.
– Нема сомнеж дека војната во Украина, новиот пристап на американската администрација кон Европа и трката во вооружување што ја започна Русија претставуваат нови предизвици за нас – забележа полскиот премиер Доналд Туск.
Денес Соединетите Американски Држави сѐ повеќе се побарувачки и тежок партнер. Но со зајакнување на нашата одбрана, ние всушност треба да ги подобриме трансатлантските односи. Додека Макрон советува да се зајакне европската индустрија, овие земји сакаат да продолжат да купуваат оружје од Соединетите Американски Држави за да обезбедат нивно континуирано присуство во Европа, која пред сѐ стравува од повлекување на американските сили од Стариот Континент.
Во Западна Европа исто така трансатлантската врска останува длабоко вкоренета. Во Италија, на пример, претседателката на Советот, Џорџа Мелони, негува форма на двостраност. Идеолошки блиска до Доналд Трамп, таа се надева на неговата попустливост во однос на царините, додека нејзината земја бележи значителен трговски суфицит со Соединетите Американски Држави и посветува само 1,5 отсто од својот бруто-домашен производ (БДП) – помалку од 2 отсто колку што се бара во НАТО – за одбрана. Таа досега покажа голема претпазливост и предлага самит меѓу САД и Европската Унија (ЕУ) на кој ќе се разговара за споровите што се акумулираат околу безбедносните прашања и Украина.
Во реалноста, дебатата оди многу подалеку од границите на Европскиот совет. Поддржувачите на преродбата наоѓаат неверојатно засилување во непосредна близина на ЕУ, како Обединетото Кралство, Норвешка, па дури и Турција – сите земји што се отцепуваат од структурата на заедницата. Првата сè уште го вари брегзит, втората се оддалечува од ЕУ, додека кандидатурата на третата е во неизвесност.
За издвојување е дека земјите учеснички на овој самит на Европскиот совет би можеле да учествуваат, во вторник, на 11 март, на состанокот на началниците на Генералштабот повикан во Париз за да се прецизираат модалитетите на распоредување војници во Украина со цел да се гарантира можен договор за прекин на огнот. Згора на тоа, Антонио Коста требаше да ги претстави резултатите од самитот на „пријателските“ трети земји во петокот наутро, кои внимателно го испитуваат срамежливиот напредок постигнат од дваесет и седумте. Соединетите Американски Држави не беа поканети.
Подготвил: Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Франција