Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонците мора да ја имаат својата сила во политичкиот живот на Албанија и не смеат да бидат политички инструмент на никого, изјави за МИА,  Едмонд Темелко, основач и прв претседател на единствената македонска партија во Албанија,  Македонска алијанса за европска интеграција.

Тој ја поздрави одлуката на актуелното раководство на МАЕИ да биде дел од опозициската изборна коалиција, предводена од Демократската партија на Сали Бериша, за парламентарните избори што ќе се одржат на 11 мај.

Посочи дека македонската партија мора да биде гласот на Македонците, а не продолжена рака на други политички структури, нагласувајќи дека е “време е за храбри чекори”.

-Треба да престанат финансиските манипулации со бугарските донации, кои досега се користеа за поткуп на Македонците и нивно лажно претставување како Бугари со премолчување на Македонската партија. Само така ќе можеме да се спротивставиме на секој притисок и да ја зачуваме македонската национална свест, порача Темелко.

МАЕИ во судскиот регистар во Тирана беше запишана во 2005 година а партијата Темелко ја предводеше до 2019  година, кога за претседател беше избран Васил Стерјовски, негов близок соработник.

За првпат партијата учествуваше на локалните избори во 2007 година на кои Темелко убедливо победи и стана градоначалник на општина Пустец, функција на која беше реизбран за уште  два последователни мандати.

Благодарение на залагањата на Темелко и неговите партиски соработници, една од најголемите заслуги е враќањето на автентичните македонски топоними на населените места во општина Пустец,  сменети во ’70 години од минатиот век, кога Пустец бил преименуван во Лиќенаси. Исто така беа реализирани повеќе инфраструктурни зафати, еден од нив и многу значаен, изградбата на патот граничен премин Стење-Пустец.