Фото: Маја Јаневска-Илиева

Уставниот суд одлучи да поведе постапка за измените на Кривичниот законик, соопштија од судот. Повеќе детали најавија на прес-конференцијата на претседателот Дарко Костадиновски закажана во 14:45 часот во Уставен.

Одлуката следува по денешната седница на која Уставниот суд расправаше за иницијативата за измените на Кривичниот законик од септември 2023 година кои вклучуваа намалување на казните за функционерите, што предизвика реакции и спротивставени мислења за уставноста на законот. Мнозинството од судиите на седницата посочија дека треба да се поведе постапка бидејќи законот е штетен и има далекусежни последици, но дел од нив тврдеа дека не е во надлежност на Уставниот суд да одлучува за постапката на донесувањето на законот во Собранието.

Судијата известител, Елизабета Дуковска, образложувајќи го рефератот на почетокот од втората седница на Уставен суд, посочи дека наводите на подносителот се неосновани и предложи судот да ја отфрли иницијативата.

На 6 септември 2023 година, Собранието ги донесе измените на Кривичниот законик, кои предизвикаа реакции во јавноста, правната фела и Европската комисија. Измените ги намалија казните за злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување, што предизвика негативни реакции. Власта ги правдаше измените со усогласување со директивите на ЕУ, додека опозицијата ги сметаше за обид за амнестија на функционерите.

Во иницијативата поднесена од претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, се наведува дека оспорените законски измени се спротивни на владеењето на правото, заштитата на правото на сопственост и еднаквоста која ја промовира Уставот. Во иницијативата е наведено дека со овие измени една категорија граѓани се привилигирани, наспроти правосилно осудените лица кои добиваат дискриминаторски третман и за нив не важи намалувањето на казните. Според Трајанов, расправата во Уставниот суд е задоцнета, бидејќи иницијативата е поднесена во септември 2023 година кога измените и дополнувањата на Кривичниот законик беа донесени по скратена постапка и со европско знаменце.

Во меѓувреме, Министерството за правда работи на нови измени за отстранување на штетните последици од измените од 2023 година и очекува новиот Кривичен законик да биде донесен во 2025 година. Новиот закон ќе се фокусира на унапредување на санкциите за тежок криминал и корупција, како и на заштита на човековите права.