Управата за јавни приходи (УЈП) регистрира дека вториот граѓански бојкот во осумте големи синџири на маркети во земјава поминал со 22,12 отсто пад на прометот. Во однос на претходниот петок (31.1.2025), кога граѓаните првпат се организираа на бојкот поради високите цени, последниов петок (на 7.2.2025 година) е остварен 36,95 отсто поголем промет
Вториот граѓански бојкот на трговските синџири со помал интензитет
Управата за јавни приходи (УЈП) регистрира и анализира податоци поврзани за граѓанскиот бојкот на големите трговски синџири поради високите цени. Притоа, УЈП го забележа падот на прометот на двата организирани граѓански бојкоти, направи споредба и забележа одредени разлики, одвојувајќи фактори што влијаеле на крајниот ефект и резултатите од бојкотот во трговијата и прометот. Од УЈП нагласуваат дека при споредбата ги лоцирале и ги издвоиле позначајните различни фактори што влијаеле на потрошувачката.
– При споредба на регистрираниот промет на крајот на месецот, односно 31.1 и петок 7.2.2025 година, треба да се имаат предвид различните фактори што можат да влијаат на потрошувачките навики. Еден од тие фактори е тоа што голем дел од граѓаните примаат плата и пензии на почеток од месецот, што создава и промени во нивното потрошувачко однесување – истакнаа од УЈП.
Системот за регистрирање готовински промет во осумте поголеми синџири на маркети во четвртокот на 6.2.2025 година до полноќ регистрирал вкупен промет во износ од 232.791.773 денари, а издадени се 417.866 фискални сметки.
Во петокот, на 7.2.2025 година до полноќ, во системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 181.288.348 денари, а издадени се 346.317 фискални сметки.
Кај овој анализиран период кај осумте поголеми синџири на маркети е забележан пад на вкупниот промет за 22,12 отсто.
Минатиот петок, кога првпат беше организиран бојкот, прометот кај големите синџири на маркети падна за 46,59 отсто. Е.Р.