Новата концертна сезона на Националниот џез-оркестар почнува со еден задолжителен настан – концертот насловен „Џез-лектира: Quintessence by Quincy Jones!“. Концертот, кој ќе се одржи во Филхармонијата на 24 јануари, со почеток во 20 часот, го покрива значајниот биг-бенд опус на сестраниот музички магнат Квинси Џонс, почнувајќи од неговиот прв албум издаден во 1959 година, ексклузивни неиздадени аранжмани; негови аранжмани за Френк Синатра и оркестарот на Каунт Бејси, како и биг-бенд аранжмани на композиции од подоцнежниот поп-период, кога Квинси доминира како аранжер и продуцент. Во овој дел од концертот како солисти ќе ги видиме: Калина Велковска, Светлана Јовановска, Ана Петановска, Дејан Бобиќ Дексо, Сашо Гигов-Гиш и Џон Илија Апелгрен. Диригент на концертот е маестро Владимир Николов.
За плакатот е искористена графиката „Шарен џезер“ на академскиот сликар Сергеј Андреевски од циклусот „Џезери“, прва во низата дела што ќе бидат употребени за плакатите во текот на годинава.
– Ова е уште една џез-лектира што не смее да остане непрочитана – велат од Националниот џез-оркестар на Македонија.