Таленти

Ања Туманоска, ученичка во трето одделение во ОУ „Кире Гаврилоски-Јане“ во Прилеп, сака убаво и читко да пишува, а тоа неодамна ѝ донесе и награда. Таа е добитничка на втората награда за краснопис, во категоријата од трето до петто одделение, на натпревар на кој учествуваа 120 ученици од прилепските основни училишта.
Ања, вели нејзината наставничка Кети Стевананџија, го негува убавиот ракопис од прво одделение и не случајно се закити со признанието од библиотеката.
Оваа талентирана третоодделенка, заедно со нејзините соученици, е дел од меѓународниот проект „Нашата мала библиотека“, кој поттикнува читање книги кај најмалите. Прва активност била книгата „Кој го најде“ од естонскиот писател Урмас Реинма, па малата Ања изработила кукла од главниот лик. Одлично ѝ одат и математиката и ликовното образование.
Освен тоа, сака да чита книги за деца. Таа е одлична ученичка, која ги сака часовите по македонски јазик, а и самата пишува песнички и во овој број објавуваме една нејзина творба за претстојната Нова година.
Ова сестрано девојче во секоја пригода успешно ги покажува својата креативност и оригиналност, а се надеваме дека така ќе биде и во иднина.

Ка.М.


Новогодишна
песна

Новата година
срцата ни ги грее,
секое дете
се смее и пее.

Лампиони, украси
и ламбички разни,
Дедо Мраз ѕирка
со полна торба
подароци и сказни.

Ања Туманоска