Фото: Министерство за локална самоуправа

Главната иницијација е отповик на градоначалник со што сметаме дека ќе ја зголемиме транспарентноста и отчетноста во секојдневното работење на локалните самоуправи и втората алатка што сакаме да ја предвидиме во законското решение е воведување на комунален надзор кој ќе биде под ингеренции на локалната самоуправа – изјави министерот за локална самоуправа Златко Перински.

На консултативен настан во Битола на кој учествуваа градоначалници од пелагонискиот и југозападниот регион, министерот Перински нагласи дека со новото законско решение ќе се модернизира актуелниот Закон за локална самоуправа.

-Станува збор за системски Закон за кој што се потребни две третини од Собранието и секако Бадентер за негово донесување. Главната иницијација е отповик на градоначалник со што сметаме дека ќе ја зголемиме транспарентноста и отчетноста во секојдневното работење на локалните самоуправи и втората алатка што сакаме да ја предвидиме во законското решение е воведување на комунален надзор кој ќе биде под ингеренции на локалната самоуправа. Свативме дека актуелното законско решение треба да се модернизира и адаптира врз основа на модерните услови на живеење. На овој начин ќе се превенираат девијантни појави на мала група граѓани кои што секојдневно несоодветно депонираат и одлагаат отпад, несоодветно постапуваат со урбаната опрема за која што локалните самоуправи издвојуваат значајни средства од своите буџети и во таа смисла сакаме да го корегираме и превенираме тоа однесување за да имаме поубаво место на живеење – изјави министерот Перински.

 

На првиот консултатитивен состанок со градоначалници, други претставници на локалната самоуправа и граѓанскиот сектор, министерот за локална самоуправа истакна дека предлозите за измени во Законот за локална самоуправа се одвиваат во транспарентен, инклузивен и јавен процес во кој се вклучени сите засегнати страни.

-Верувам дека само преку вака отворен процес ќе можеме да ги подобриме и зголемиме квалитетите на услугите што се испорачуваат од локалните самоуправи кон граѓаните, а со тоа ќе го подигнеме нивото на секојдневното функционирање на самите локални самоуправи. Овој процес е безрезервно поддржан од УНДП и Швајцарската Влада преку амбасадата на Швајцарија. Убеден сум дека ова системско решение ќе го подобриме и ќе ги подобриме условите во кои што функционираат локалните самоуправи – посочи Перински.

За потребата од измени и дополнување на Законот за локална самоуправа, свои стручни мислења искажаа експерите Мемет Мемети, Гордан Ѓоргиев и Александар Спасеновски.

-Важно е да се истакне фактот дека актуелниот Закон е законско решение кое го издржа тестот на времето, а со текот на времето како резултат на неговата долготрајна примена, се појавија серија на аномалии и забелешки кои со новите измени и дополнувања сакаме да ги адресираме. Со помош на Министерството за локална самоуправа, како резултат на овој широк инклузивен процес во кој ќе бидат вклучени градоначалниците и други носители на јавни функции што имаат надлежности врзани со локалната самоуправа, очекуваме да добиеме финален предлог што ќе биде предложен до Собранието. Венецијанската комисија како експертско тело долго време се занимава со прашањето за отповик на градоначалниците. Република Македонија има такво искуство со претходниот Закон за локална самоуправа. Врз основа на највисоките стандарди на Советот на Европа преку Венецијанската комисија, и врз основа на нашето искуство, ќе се обидеме низ овој широк консултативен процес да најдеме оптимизирано законско решение, со начин како да се рефлектира довербата или недовербата на градоначалниците кое што ќе гарантира дека во иднина нема да има некакви злоупотреби – истакна универзитетскиот професор Спасеновски.

Јавна поддршка за процесот на измени и дополнувања на Законот за локална самоуправа искажа градоначалникот на Битола Тони Коњановски кој воедно беше домаќин на денешниот консултативен настан.