Еден век од смртта на авторот
Намерата да се соединат „Собраните раскази“ на Франц Кафка во една книга во Германија се појавила пред педесетина години, но во Македонија тоа се случува првпат по повод одбележувањето сто години од неговата смрт и како дел од проектот „25 години Антолог е класика“. Расказите, од кои некои се во форма на басни, алегории или параболи, заземаат централно место во творештвото на Кафка. Во текот на својот живот, тој објавил само дел од нив. Повеќето од нив се објавени постхумно и против неговата волја. Книгата е поделена во три дела: раскази што Кафка ги објавил во своите книги во текот на животот, раскази што не ги вклучил во книгите, но се објавени одделно на различни места, и раскази од неговата оставина. Меѓу нив се наоѓаат и скици за романи. Делата на Франц Кафка се сметаат за клучни текстови на модерната литература, а оваа книга за првпат на македонски јазик ги пренесува сите зачувани кратки прозни творби на еден од најголемите автори на едно место.
Преводот од германски јазик е на Ксенија Чочкова и на Душанка Каевска, а книгата е објавена со поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и Фондот за книжевни проекти од Централна и Источна Европа, Амстердам. Освен изданието, годинава под мотото „Метаморфозис“ или „Преобразба“ се одржа и фестивалот „Букстар“, во чии рамки беше организирана панел-дискусијата „Читајќи го и преведувајќи го Кафка“, со учество на универзитетските професори Зорица Николовска, Венко Андоновски, Соња Стојменска-Елзесер, Бенјамин Лангер (Германија), Јасминка Делова-Силјанова и преведувачот Бобан Здравковски Андреевски, а модерирана од Жарко Кујунџиски.
Со објавувањето на овој наслов симболично се заокружи годината што „Антолог“ им ја посвети на класичните дела, а во чии рамки беа објавени голем број наслови од врвот на македонската, регионалната, европската и на светската литература.
Франц Кафка (1883-1924) е еден од најзначајните и највлијателни писатели на 20 век. Роден е во Прага. Пишувал на германски јазик. Докторирал право и работел во осигурителна компанија. Во текот на животот објавил само неколку раскази. Книжевната слава ја стекнал постхумно, за што своја улога има неговиот пријател Макс Брод. Книжевната оставина содржи раскази, романи, дневници, афоризми и писма. Неговото творештво тешко се класифицира бидејќи содржи огромен број филозофски и религиозни референции, измешани со алегорија и црн хумор. Неговиот оригинален стил е наречен кафкијански.