ЗАЕДНИЧКА РЕЦИКЛИРАЧКА АКЦИЈА НА ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА, ПАКОМАК И BALL CORPORATION

Во заедничката акција што ја спроведоа Прилепска Пиварница, Пакомак и Ball Corporation под слоганот „Затвори го кругот, рециклирај за одржлива иднина“, процентот на рециклирање лименки се зголеми за импресивни 64 %, во рамките на системот Пакомак и брендот Прилепска Пиварница, од почетокот на кампањата, што потврдува дека граѓаните одлично реагираат на програмите за рециклирање и ја разбираат важноста на циркуларноста на алуминиумските лименки – изјави Александар Матески, директор за правни и корпоративни работи на Прилепска Пиварница.

Акцијата „Затвори го кругот, рециклирај за одржлива иднина“ се спроведува на територијата на Северна Македонија од август и ќе трае до крајот на оваа година со идеја да продолжи во 2025 година. Акцијата ги ангажира и ги повикува потрошувачите искористените алуминиумски лименки за пијалаци од Прилепска Пиварница да ги одложат во повратните вендинг машини на Пакомак, а потрошувачите за возврат ќе добијат 5 зелени поени на апликацијата Екомак, преку кои ќе можат да добијат бројни попусти и поволности. Досега потрошувачите добиваа по еден зелен поен за рециклирани лименки и ПЕТ амбалажа. На овој начин, клиентите се мотивираат да рециклираат, но и да ја променат нивната перцепција кога станува збор за искористената амбалажа – да ја гледаат како ресурс, што е, а не како отпад.

Во моментов, во Македонија има мрежа од 63 машини за рециклирање, а Пакомак – националниот оператор за управување со отпад од пакување, постојано работи на проширување на постојната мрежа, која до крајот на годината ќе брои 70 машини за рециклирање.

– Бројот на потрошувачи, корисници, кои досега се вклучиле во акцијата е повеќе од 5.600, тие собрале околу 80.000 искористени лименки, кои ќе се рециклираат, а најревносниот потрошувач собрал неверојатни 1.335 лименки – изјави Ико Брдароски, заменик на Генералниот директор на Пакомак.

Ball Corporation, светски лидер во производството на амбалажа – алуминиумски лименки за пијалaци, како и производи за лична и домашна употреба, кој својата лидерска позиција ја брани со иновации, одлични деловни односи со клиентите, како и одговорен однос кон животната средина, придонесе за реализација на акциите за рециклирање.

– Ова е еден од начините да се придонесе за зачувување на природата, бидејќи со подигање на свеста за потенцијалот на рециклирањето, придонесуваме за намалување на отпадот и загадувањето на нашата животна средина. Алуминиумот е многу стабилен материјал кој може повеќекратно да се рециклира без губење на квалитетот и својствата и затоа не треба да заврши на депонија, а особено не во природа – изјави Јелена Петљански, менаџерка за одржливост и јавни работи во компанијата Ball Corporation и додаде:

– Искористената лименка за пијалак, доколку влезе во процес на рециклирање, можно е повторно да се најде на полиците на продавниците и супермаркетите за 60 дена, а тоа навистина е така, што се потврдува со фактот дека во производите – лименките што ги произведува Ball Corporation – содржат 70% рециклиран материјал“.

Свеста за тоа колку е важна заштитата на животната средина за иднината на сите нас стана централна тема на пошироката јавност, но и неизбежен дел од работењето на компаниите кои сакаат да останат конкурентни во иднина. Ваквите акции претставуваат пример за добра практика, а одговорот на граѓаните ја потврдува заедничката подготвеност и волја за промена на односот кон рециклирањето и заштитата на животната средина.