Јужнокорејската полиција размислува да издаде налог за апсење на претседателот Јун Сук-Јол и да изврши рација во претседателската резиденција како дел од истрагата за обвиненијата за бунт против него по неуспешниот обид да се воведе воена состојба – изјави денеска официјален претставник.
Службеник на специјалниот истражен тим на Националното биро за истраги објави дека Јун е осомничен во истрагите што ги водат полицијата, обвинителството и антикорупциското тело, поради неговото ненадејно прогласување вонредна состојба на 3. декември, кое набрзо го повлече под притисок – пренесува „Танјух“, повикувајќи се на „Јонхап“.
Кога бил прашан за можноста за издавање налог за апсење на Јун, службеникот им рекол на новинарите дека се разгледува можноста.
Тој исто така рекол дека се бара можност за претрес на резиденцијата на Јун и издавање налог за одземање на неговите досиеја за комуникација и негово испрашување.
Полициските службеници во средата се обидоа да влезат во канцеларијата на јужнокорејскиот претседател за да бараат материјал поврзан со уредбата за вонредна состојба, но службата за безбедност одби да соработува, а полицијата доби ограничени документи.
Во јавното обраќање во четвртокот, Јун рече дека нема да поднесе оставка, дека неговите политички противници се „антидржавни сили“, бранејќи го краткорочниот воен закон што го воведе во земјата како правен потег за заштита на демократијата.
– Ќе се борам до крај – рече тој во обраќањето емитувано на државната телевизија.