Владимир Федосеев

Словенечкиот велемајстор, по титулата во забрзан шах, триумфира и во Фишеров шах (почетната позиција на фигурите се поставува по случаен компјутерски избор), кој првпат се играше на едно ЕП. Во Скопје, кое беше домаќин на ЕП во забрзан и во брз шах и во 2018 година, годинава на трите турнира настапија вкупно 425 учесници од 39 земји

ПОЕДИНЕЧНО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО СКОПЈЕ

По триумфот во забрзан шах (15 минути плус 10 секунди по секој потег) на поединечното Европско првенство (ЕП) во Скопје, словенечкиот велемајстор (ВМ) Владимир Федосеев (2.709, рангиран прв пред почетокот на ЕП) го освои златниот медал и во Фишеров шах, кој првпат се игра на едно ЕП. Со тој турнир заврши ЕП 2024, кое се состоеше уште и од турнир во брз шах (три минути плус две секунди).
Федосеев на ЕП во Фишеров шах (почетната позиција на фигурите се поставува по случаен компјутерски избор, а се играше со временско темпо од 10 минути плус пет секунди по секој потег), освои 10,5 поени од 11 можни. Тој златото, пехарот и паричната награда од 2.500 евра ги обезбеди на едно коло пред крајот на ЕП 2024, кога оствари перфектни 10 поени од 10 партии. Притоа тој освои и нови 28 рејтинг-поени, постигнувајќи играчки перформанс од 3.052 поени. Второто место го освои ВМ од Романија, Богдан Даниел Даек (2.696, второрангиран пред ЕП) со 8,5 поени, колку што имаше и ВМ од Унгарија, Сергеј Григоријантс (2.542, 30-ти), но поради послаб дополнителен критериум го освои бронзениот медал. На ЕП 2024 во Фишеров шах настапија 142 учесника (43 ВМ, четири ЖВМ, 23 ИМ, еден ЖИМ, 17 ФМ, два ЖФМ) од 33 земји.
Од 20-те македонски претставници, најдобар пласман оствари ИМ Никола Николовски (2.407, 54-ти пред ЕП), кој со шест поени го освои 44-то место. Ист број поени имаше и ФМ Антон Златков (2.324, 67.), кој е на 50-то место. Матео Ефтовски (2.029, 112-ти), со 5,5 поени е на 66-та позиција (плус 36,4 рејтинг-поени). Од другите што освоија по пет поени, Филип Михов (2.245, 77.) е на 70-то место, ФМ Роберт Велески (2.093, 101.) е на 72-то (плус 36,6 р.п.), а ФМ Јани Богоевски (2.144, 97.) е 81-то. Од македонските шахистки, во оваа силна конкуренција настапи само Катерина Петровска (1.896 рејтинг-поени), која освои 1,5 поен, а најуспешна шахистка е ЖВМ од Полска, Јоланта Завадска (2.331, 66-та), која со шест поени е на 48-то место (настапија 17 шахистки).
На ЕП 2024 во забрзан, брз и Фишеров шах во Скопје, во организација на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), настапија вкупно 425 учесници од 39 шаховски федерации, од кои 63 ВМ, три ЖВМ, 43 ИМ, четири ЖИМ, 45 ФМ, осум ЖФМ. Вкупно беа одиграни 5.121 партија (2.117 во забрзан, 2.317 во брз и 687 во Фишеров шах). Скопје беше домаќин на ЕП во забрзан и во брз шах и во 2018 година. Г.И.


МЕДАЛИСТИ НА ЕП 2024 ВО СКОПЈЕ

ЗАБРЗАН ШАХ
1. Владимир Федосеев (Словенија)
2. Антон Коробов (Украина)
3. Бадур Јобава (Грузија)
време 15 минути плус 10 секунди
БРЗ ШАХ
1. Џорден ван Форест (Холандија)
2. Алексеј Сарана (Србија)
3. Бадур Јобава (Грузија)
време три минути плус две секунди
ФИШЕРОВ ШАХ
1. Владимир Федосеев (Словенија)
2. Богдан Даниел Даек (Романија)
3. Сергеј Григоријантс (Унгарија)
распоред на фигури по случаен избор, време 10 минути плус пет секунди