Фото: ЕПА

На 13 ноември годинава, чартер-лет полета од аеродромот „Франц Јозеф Штраус“ во Минхен во југоисточен правец. Дестинацијата беше Загреб. На списокот на патници имало 15 имиња. Тие биле државјани на Сирија, Авганистан, Турција, Јордан и на Иран. Меѓу нив имаше и едно лице што беше законски осудено во Баварија за „повеќе нелегални влегувања“ во Сојузна Република Германија, пишува „Дојче веле“.
Под будното око на германските полицајци, само со тој лет 15 лица беа префрлени во Загреб и вратени во Хрватска од властите на Германија во согласност со регулативата Даблин III. Таа регулатива дефинира дека јурисдикција за одреден барател на азил има земјата членка на ЕУ во која тоа лице првпат влегло во Унијата, односно каде што првпат било регистрирано.

„Преполн“ лет за Загреб

Летот од Минхен до Загреб не беше тајна. За него баварските власти преку писмено соопштение ја информираа јавноста. Исто како што објавија информации за други „мерки за враќање“ – на пример во Романија, Грузија, Албанија, Молдавија, Македонија, Србија или во Косово.
Во средината на јуни беше организиран еден таков „даблин-лет“ од Штутгарт. Тогаш и официјално беше потврдено дека е „натоварен“. Меѓу другите, во Загреб беше префрлено и едно лице против кое е поведена истражна постапка во Баварија поради сомневање за екстремистички активности. Тој странски државјанин бил директно префрлен од истражниот затвор на аеродромот во Штутгарт, односно вратен во Република Хрватска.
Германските власти во иднина сакаат да го зголемат бројот на вакви летови до странски дестинации, не само до Хрватска. Германија сака да го зголеми темпото на депортација на лица што немаат право на заштита. Во 2023 година, во согласност со Даблин III, Германците сакаа да депортираат 74.622 луѓе во други земји на ЕУ.
Минатата година Германците испратија најмногу барања за преземање баратели на азил во Хрватска (16.704) и Италија (15.749) – во повеќето случаи сè уште без успех. Иако другите земји на ЕУ се согласија да преземат околу 55.000 од овие „Даблински случаи“, само 5.053 луѓе биле депортирани од Германија во нив во 2023 година, потврди Федералната канцеларија за миграција и бегалци (БАМФ).
Во првата половина на 2024 година, според БАМФ, Германија испратила барања за прифаќање на околу 40.000 мигранти до другите членки на ЕУ. Во 25.000 случаи тие се согласиле да ги примат овие лица. Практично, само околу 3.500 лица се депортирани во првите два квартала од тековната година.

Италија не прифаќа мигранти

Италија, на пример, генерално се противи на прифаќање лица депортирани од Германија, а Рим очигледно не сака да го промени тој курс додека новиот пакт на ЕУ за миграција и азил не стапи во сила во 2026 година. Неговата цел е подобро да ги заштити (често) премногу пропустливите надворешни граници на Унијата.
Во оваа работа хрватските власти очигледно се покооперативни од италијанските власти. На пример, баварскиот министер за внатрешни работи Јоаким Херман (ЦСУ) во неколку наврати разговараше за враќањето на барателите на азил во Хрватска со својот хрватски колега Давор Божиновиќ (ХДЗ).
На средбата во Минхен на 29 август годинава, двајцата се согласија дека е потребен „пресврт околу прашањето за илегалната миграција“. Во тоа време, тие изразија загриженост за миграциските движења на таканаречената балканска маршрута, а Херман ги поздрави „конзистентните хрватски напори за обезбедување на надворешната граница на ЕУ“.
Во ова доследно обезбедување на шенгенската граница, хрватската полиција, како што во неколку наврати документираа различни меѓународни актери, практикуваше и потиснувања, односно ги бркаше преку границата во правец на Босна и Херцеговина мигрантите што на нерегуларен начин (а не преку официјалните гранични точки) стапнале на тлото на Република Хрватска.
Една од темите на средбата меѓу Херман и Божиновиќ летово беа депортациите врз основа на регулативата Даблин III. Шефот на баварската полиција тогаш најави „интензивирање на соработката“, а под впечаток на ужасниот напад во Солинген (кој се случи само неколку дена претходно), ја повика и федералната влада да ја оптимизира практиката на депортирање одбиени баратели на азил – кон други земји од ЕУ, но и кон земји како Авганистан или Сирија.

Што велат податоците од Баварија?

„Дојче веле“ врз основа на примерот на Баварија, првата сојузна држава на удар на т.н. балкански маршрути, истражуваше колку одбиени баратели на азил и други лица без право на престој во таа сојузна држава всушност се вратиле во Хрватска. Тоа е релативно мал број луѓе.
Баварската служба за азил и враќање мигранти потврди за ДВ дека Баварците во периодот од 1 јануари 2023 година до 30 септември годинава извршиле вкупно пет чартер-летови во правец на Хрватска (два лета во 2023 година, три лета во 2024 година). Вкупно 21 лице биле префрлени од Баварија во Хрватска (2023: 10 лица, 2024: 11). На споменатите летови не беа одбиени само баратели на азил и лица без регулирана дозвола за престој од територијата на Баварија туку и од некои други сојузни држави.
Според податоците од 31 октомври годинава, на територијата на Баварија имало вкупно 25.646 лица што од различни причини веќе требало да ја напуштат таа сојузна држава. Меѓу нив има 460 државјани на Република Хрватска – на пример, лица што се законски осудени на затвор или членови на криминални организации.
Со оглед на релативно малиот број реализирани депортации и непочитувањето на Даблин III во пракса, германскиот канцелар Олаф Шолц (СПД) веќе на крајот на минатата година најави офанзива за враќање на барателите на азил што биле регистрирани во други земји членки на ЕУ и кои сепак успеале да дојдат во Германија. Шолц тогаш вети „депортации во стил“.

Германците сакаат поинаква миграциска политика

Мнозинството германски граѓани, како што покажаа анкетите, сакаат радикален пресврт во политиката за миграција и азил. И под притисок на зајакнувањето на десничарските сили, пред сè на партијата АфД (Алтернатива за Германија), односно на ерозијата на довербата на граѓаните во сојузната влада, семафор-коалицијата тогаш најави многу поголем број депортации на тие луѓе, кои и онака немале право на заштита во Германија.
Едно од тие лица е 26-годишниот Иса Ал Х. Сирискиот државјанин моментно се наоѓа во истражен затвор поради сомнение дека на 23 август годинава со нож убил три лица во градот Солинген во западна Германија. Во атентатот мотивиран од исламисти беа повредени осум лица.
Иса Х. всушност не требало да биде во Германија. Тој требаше да биде префрлен во Бугарија веќе минатата година, исто така врз основа на Даблин III. Софија тогаш изразила подготвеност да го преземе, но депортацијата пропаднала бидејќи германските власти не можеле да го најдат.
Иса Х. пристигна во Германија на крајот на 2022 година и поднесе барање за азил. Неговото барање воопшто не беше обработено затоа што Германија и онака не беше одговорна за него – Бугарија беше. Потоа, младиот Сириец се радикализира: одговорноста за атентатот во Солинген ја презеде Исламска држава.
Законската регулатива во меѓувреме е заострена, но без поголем успех. Во првите девет месеци од оваа година, речиси 62 отсто од планираните депортации (во членки на ЕУ или трети земји како Авганистан) на крајот не беа реализирани. Во целата 2023 година „пропаднале“ 65,6 отсто од депортациите. Според сојузното Министерство за внатрешни работи, во текот на 2023 година од Германија биле депортирани вкупно 16.430 лица (во земјите на ЕУ или трети земји).

Зошто пропаѓаат депортациите?

Една од најчестите причини за неизвршување депортации е ситуацијата во која засегнатите лица се кријат од властите бидејќи судовите им забрануваат враќање во матичната земја или летот не може да се изврши поради некоја причина, на пример, поради здравствени причини. Според сегашните податоци од јуни 2024 година, во Германија живеат 226.882 лица со статус на лица што немаат регулирана дозвола за престој и кои треба да ја напуштат Германија. Најголем дел сочинуваат одбиените баратели на азил – 57 отсто од нив, односно вкупно 128.355.