Предвидени се вкупно 14 партии. Моменталниот резултат на дуелот помеѓу шампионот Динг Лирен од Кина и предизвикувачот Домарају Гукеш од Индија е 4-4, а деветтата партија, пред третиот слободен ден, се играше вчера

ШАХ

Осмата партија од мечот за светски првак во класичен шах помеѓу шампионот Динг Лирен (2.728 рејтинг-поени) од Кина и предизвикувачот, 18-годишниот Домарају Гукеш (2.783) од Индија заврши со реми во 51-от потег во еднаква позиција, но ќе остане како една од највозбудливите што некогаш биле одиграни во мечевите за светската круна, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Тоа беше борба до последен здив, со шанси за двајцата играчи, која, сепак, заврши со реми откако предизвикувачот уште еднаш го одби ремито со трикратно повторување на потезите. Шампионот Лирен се отвори со потегот 1.ц4, односно т.н. англиска партија.
Следејќи го досегашниот тренд на двајцата играчи, Лирен реши да не повтори ниту еден од почетните потези користени претходно, така што имаше нова позиција на таблата. Клучната позиција беше по 26-от потег, но неколку потези подоцна и двајцата ги препознаа долготрајните опасности во позицијата. Лирен реши да изнуди размена на кралиците и да го врати дополнителниот материјал, по што следуваше ремито.
Предвидени се вкупно 14 партии. Моменталниот резултат е 4-4, а деветтата партија, пред третиот слободен ден, се играше вчера. Г.И.