Φото: Маја Јаневска-Илиева

ДУИ ја менува реториката во милитантна со цел да се создадат етнички тензии кога ја губи власта и затоа што нејзини членови треба да одговараат за криминал, смета  премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на прашање на пратеничката од ДУИ Арбана Пашоли која обвини дека Владата спроведува „платформа против Албанците“.

Како што рече, „ова не е платформа против Албанците, ова е платформа  против партиските профитери и криминалци“, без разлика на нивната етничка припадност, доколку се осомничени за сторен криминал.

Мицкоски ѝ порача на Пашоли да им пренесе на нејзините сопартијци кои, рече, требало да седат покрај неа, „дека најголем дел од нив и ним блиските се поврзани со основани сомнежи за злоупотреба и сторен криминал којшто го направиле во изминатите повеќе од 20 години активно учествувајќи во власта“.

– Жалам што поради тоа што со употреба на европско знаменце, преку политички мускули донесовте измени во Кривичниот законик, па најголем дел од тие луѓе, на кои сега им се обраќам преку вас, нема да може да одговараат. Затоа вие и ги донесовте тие измени на  Кривичниот законик за тие луѓе да ги заштитите да не одговараат. Сега се кријат зад превезот на создавање етничка фрикција.  Ние тоа нема да го дозволиме бидејќи сме одговорна влада која се грижи за сите граѓани на целата територија на Македонија – истакна Мицкоски.

И предложи на пратеничката да праша некој од Извршниот комитет на ДУИ зошто дел од нивните роднини, за кои веќе има поднесено кривични пријави, не се во земјава и се избегани, и како „се купуваат трговски центри од голобради момчиња“ во центарот на Скопје, исто како и „деловни објекти од стотици квадратни метри од роднини на високи функционери на ДУИ“ кои, рече, и со помош на алхемија не можеле ни приближно да стекнат такво богатство. Ја покани пратеничката да прошетаат за да ги видат „хациендите во кои живеат луѓе кои се дел од структурите на ДУИ, ним блиски и нивни роднини“, и нивната имотна состојба да ја споредат со она што го поседувале пред 20 години.

– Наеднаш кога не сме на власт, кога не можеме да играме фудбалчиња по канцеларии и не можеме да ги злоупотребуваме и користиме ресурсите кои ги плаќаат граѓаните, кога не можеме да живееме на товар на буџетот, тогаш веќе преминуваме на реторика која е милитантна и има цел да создаде фрикција, етнички тензии, бидејќи сте немоќни на друг начин да привлечете луѓе кои ќе ви се приклучат. Зашто Албанците се многу паметни во нашата Македонија и тие знаат што правевте изминатите 20 години и ги гледаат белите дворци што се изградија преку ноќ – рече Мицкоски со порака до ДУИ да се реорганизира, реструктурира и да направат нова платформа.

За обвинувањето од пратеничката Пашоли дека со иницијативата за преразгледување на Законот за употреба на јазиците во Уставниот суд се оспорува албанскиот јазик, премиерот одговори дека тие се судиите предложени токму од нејзината партија и дека се „истите обвинители и судии“ кои од разни причини и оправдувања не потпишуваат налог за претрес или приведување на осомничени за криминал.

– Истите тие се денес во Уставниот суд кои вие ги гласавте и  вие ги предлагавте. Не јас, не ВМРО-ДПМНЕ, вие заедно со вашите коалициски партнери од СДСМ и останатите политички партии кои го формираа тоа мнозинство. ВМРО-ДПМНЕ беше против. Ваму сте моќни – овие преку ноќ да добијат анксиозност, дијареја и повишена температура и да не можат да потпишат налог за  претрес, приведување за осомничени за сторен криминал и сега сакате да кажете дека ние, од владината коалиција, можеме нешто да направиме. Не, тезата ви е погрешна – рече Мицкоски.

Пратеничката Пашоли реплицираше дека е разочарана од одговорот на премиерот и смета дека ја злоупотребил собраниската говорница зашто само две минути посветил да одговори на нејзиното прашање кое, рече, е многу важно за Албанците.

– Не кажавте јасно и гласно дека не сте против употребата на албанскиот јазик… Ако со дела, а не со зборови, ќе ги уцените правата на Албанците, тогаш ќе ја ставите во опасност иднината на Северна Македонија – рече пратеничката на ДУИ.